Исламистите ликвидираа хуманитарец

Радикалната „Исламска држава“ брутално го ликвидираше британскиот хуманитарец Дејвид Хејнс, кој беше заробен од екстремистите минатата година, додека работел за француската агенција ACTED.

Видео снимката со наслов „Порака за сојузниците на Америка“, започнува со говор на британскиот премиер Дејвид Камерон за соработка со ирачката влада и курдските претставници во борбата против џихадистите.

„Овој Британец мора да ја плати цената заради ветувањето на Камерон за вооружување на курдските борци во борбата против Исламската држава“, вели на снимката маскиран маж облечен во црно.

Самиот Хејнс, пред егзекуцијата, вели дека го смета британскиот премиер одговорен за својата смрт. На снимката потоа се гледа како на британскиот хуманитарец му ја отсекуваат главата, а џихадистите прикажуваат уште еден заложник за кого тврдат декаќе биде следен егзекутиран доколку Камерон продолжи да ја поддржува борбата против Исламската држава.

Дејвид Хејнс е третата жртва чија егзекуција ја објавија џихадистите како порака до западните земји. Хејнс беше оженет со хрватска државјанка, со која има едно четиригодишно дете. Пред заминувањето во хуманитарна мисија, тој основал и компанија во хрватскиот град Сисак. Од првиот брак во Шкотска има уште една ќерка, тинејџерка.

Неговата смрт предизвика остри реакции и од британскиот премиер Камерон, но и од американскиот претседател Барак Обама. „САД стојат вечерва рамо до рамо со своите блиски пријатели и сојузници во тага и решителност“, рече Обама.