Исламска држава изгубила 14 отсто од територијата која ја контролирала во 2014

Џихадистичката група Исламска држава оваа година изгубила 14 проценти од територијата, која ја контролирала во 2014, според истражување на британскиот институт за одбрана „Ај Ејч Ес Џејнс“ (IHS Jane’s).

Базирајќи се на информации од социјалните мрежи и извори во Сирија и Ирак, Институтот смета дека зоната, контролирана од Исламска држава се редуцирала за 12.800 квадратни километри меѓу 1 јануари и 14 декември 2015 година.

Во моментот групата контролира 78.000 километри квадратни, според истражувањето.

Сириските Курди тројно го зголемиле размерот на зоната под нивна контрола, која во моментот се простира на 15.800 квадратни километри.

Една од територијалните загуби на ИД е северната гранична зона меѓу Турција и Сирија, во регионот на Тал Абијад, која беше еден од главните пунктови за преминување на турската граница, користен од џихадистите.

Други значителни загуби Исламска држава понела во Ирак, каде што го изгуби градот Тикрит, рафинеријата во Баиџи и дел од главниот пат меѓу Рака и Мосул.

Иако ја изгубила контролата врз некои зони, ИД успеала да завладее други територии. Најголемите успеси во 2015 им биле настапувањето во западна Сирија, преку градот Палмира и преземањето на центарот на градот Рамади, се наведува во истражувањето.