Исламска држава формира полициски сили во Ирак

Екстремисти од групата Исламска држава (ИД) формирале полициски сили во северозападната ирачка провинција Ниневија, кои ќе ги спроведуваат одлуките на верските судови, информира една исламистичка веб страница, која објави и снимки од џихадиситчката полиција.

На снимките се гледаат вооружени мажи во црна облека, на чии рацете стои натпис: „Исламска полиција на државата Ниневија“. Тие се наоѓаат во полициски возила, а на една од снимките се во речен брод. Засега не се знае кога се објавени снимките на интернет страницата, ниту кога се направени.

Според исламистичкиот сајт, полицијата ќе го одржува редот и ќе ги апси виновните и корумпираните. Тие имаат за цел да бидат различни од полициските сили  на други држави, опишани како инструмент за потиснување на незадоволството.
Жители на Ниневија изјавиле дека главната активност на полицијата веројатно ќе биде апсење на луѓе кои се сметаат за противници на нивната кауза.

Новите полициски сили веќе поставиле контролни пунктови на патиштата и вршат претреси по куќите.