Исламската држава ја презема одговорноста за нападот во Марсеј

Ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава ја презема одговорноста за нападот со нож во неделата во француски Марсеј во кој беа усмртени две жени, објави новинската агенција на џихадистичката организација Amaq.

„Борец на Исламската држава е одговорен за нападот со нож на железничката станица во Марсеј во јужна Франција во кој во неделата се убиени две жени“, објави агенцијата Amaq.

Веднаш по нападот војниците од операцијата Сентинел, кои патролираат на пофреквентните и поважни локации во Франција, го усмртиле напаѓачот. Полициски извори и очевидци за медиумите тврдат дека во текот на нападот тој извикувал „Алаху акбар“ (Господ е голем), што вообичаено го извикуваат исламистичкките радикали во слични напади.

Според полициски извори, на една од жртвите, помлада жена, ѝ бил пресечен гркланот, додека втората повозрасна била прободена во стомакот. Напаѓачот од претходно ѝ бил познат на полицијата по разни кривични дела.

Францускиот претседател Емануел Макрон поради нападот на својот Twitter профил изрази огорченост од „варварскиот чин“, фалејќи ја притоа брзата реакција на безбедносните сили.