“Исламската држава е во право, Курдите се неверници!”

Мерван Мохамед Хусеин бил киднапиран пред околу 4 месеци од страна на Исламската држава додека се враќал од училиште.

Тој е еден од 140. сириски деца кои биле киднапирани, а воедно и еден од 70. момчиња кои Исламската држава ги ослободила во последните неколку дена.

Мерван за дописничката на CNN, Арви Дамон, признал дека бил преплашен по киднапирањето. Милитантите на Исламската држава го одвеле него и неговите пријатели во џамија за да се помолат, а потоа во основното училиште кое го претвориле во затвор.

“Им кажав дека немам роднини ниту пријатели меѓу курдските борци, а тие ме удираа со кабел. Некои деца беа тешко претепани, а некои мачени со електрошокови. Некои беа обесени. Сите бевме преплашени, но тогаш сфативме дека тие не убиваат без причина или докази. Никого нема да убијат пред да видат дали тоа лице е неверник”, рекол Мерван.

Сцените од убиствата кои морале да ги гледаат, вели, не биле наменети за да ги заплашат, туку да им ја “покажат вистината за Исламската дражва”. “Тие не киднапираат било кого на улица, и не убиваат без докази”, вели момчето кое ја шокирало новинарката и своето семејство кога рекло дека “тие се во право”.

“Да, тие се во право. Курдските борци се неверници. На знамето на Исламската држава пишува дека има само еден Бог. Но, секако, има и лоши исламисти”. Семејството на Мерван е пресреќно што нивниот син се вратил, но сепак се загрижени поради тоа што се променил.