Исламската држава за еден месец ќе ја нападне Европа, а за два САД

Саудискиот крал Абдула, предупреди доцна синоќа дека терористички групи ќе ги нападнат САД и Европа, доколку не се соочат со колективна сила и брзо делување на меѓународната заедница.

Иако тој директно не споменал ниедна терористичка група, се смета дека алудирал на Исламската држава, која ова лето зазела значителни подрачја на Сирија и Ирак, пренесува АП.

Саудискиот крал изјавил дека „тие“ сигурно за еден месец ќе стигнат во Европа, а за два месеци и до Америка.

Се смета дека целта на предупредувањето на кралот е да се наведат силите на САД и НАТО да започнат поширока акција против екстремистите во регионот на Блискиот Исток.

Саудиска Арабија во принцип ги поддржува сириските бунтовници, но се плаши од исламистичките екстремисти, како што се припадниците на Исламската држава, кои можат своето оружје да го свртат против оваа држава.