Исланд се предомисли – ја повлече кандитатурата за членство во ЕУ

Исланд реши да ја повлече кандидатурата за членство во Европската унија. Освен кусиот твит на премиерот дека „Интересите на Исланд ќе бидат подобро застапувани надвор од Европската унија“, од владата дојде уште коментар дека „Земјата сака да одржува блиски врски и соработка со Европа“.

 Опозицијата во земјата реагираше поради едностраната одлука.

„Ова е смешно. Не знам кој мисли дека е министерот за надворешни, што мисли дека е владата. Ако мисли владата дека може да донесе одлука да ги прекине преговорите со ЕУ без да го праша парламентот, тоа е напад на парламентарната демократија“, вели Гудмундур Стејнгримсон, лидер на опозициската Светла Иднина.

Освен кусиот твит на премиерот дека „Интересите на Исланд ќе бидат подобро застапувани надвор од Европската унија“, од владата дојде уште коментар дека „Земјата сака да одржува блиски врски и соработка со Европа“.

Исланд ја поднесе апликацијата за членство во ЕУ за време на владеењето на левичарската влада во 2009 година, кога земјата беше тешко погодена од економската криза, а исландската круна загуби половина од вредноста, поради што членството во еврозоната изгледаше како атрактивна понуда. Но, како што оценува француската агенција АФП, спорното прашање за квотите за риболов беше клучна пречка за приклучување кон Унијата, иако никогаш не беше поставено во текот на пристапните преговори. Американската компанија за геополитички анализи Стратфор наведува дека бидејќи Исланд има пристап до внатрешниот пазар на ЕУ и е членка на Европската економска област, поголемиот дел од јавноста смета дека нема голема корист од членство во Унијата, посебно ако тоа предизвика значителни штети врз домашната риболовна индустрија.

Според Стратфор, и при пристапувањето кон Европската економска област, на Исланд му беа направени отстапки во однос на земјоделството и риболовот, што значи дека Рејкјавик не мора да прави економски отстапки во овие чувствителни области. Доколку станеше членка на ЕУ, Исланд ќе мораше повторно да преговара за овие отстапки.