Македонија

Почна повторното судење за „Монструм“ Исмаиловиќ не знае каде бил кога се случил масакрот, ама знае дека брат му е во Приштина

Исмаиловиќ не знае каде бил кога се случил масакрот, ама знае дека брат му е во Приштина

Агим Исмаиловиќ, брат на Африм Исмаиловиќ, егзекуторот на децата кај Смилковско Езеро, се колне дека не учествувал во масакрот, но не се сеќава каде бил на 12 април 2012 година кога се случи петкратното убиство. Ова третообвинетиот во случајот „Монструм“ го изјави денеска пред судечкиот совет во Кривичниот суд во Скопје, каде почна повторената постапка за злосторството што се случи на Велигден пред шест години.

Судењето почнува од почеток бидејќи предметот го презеде Специјалното јавно обвинителство.

Обвинетите Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Фејзи Азири и Сами Љута беа осудени на доживотен затвор за убиството на Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски, како и рибарот Борче Стефановски.  Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, по што случајот го презеде СЈО.

Првото рочиште беше одложено откако во судницата не се појави Фејзи Азири, кој ненадејно бил хоспитализиран на Клиниката за пулмологија, еден ден пред судењето. по што беше уапсен и спроведен во затворот во Штип, каде издржувал казна за друго дело,  а каде не се вратил по добиеното отсуство.

Тоа предизвика револт кај родителите на убиените момчиња, па Горан Наќевски го обвини Заев дека откако склучил коалиција со ДУИ манипулира со доказите кои што можат да доведат до вистината за „Монструм“.

„Вечерва сонував еден многу лош сон како му ги врзав рацете на момчето, па плачев, па сега си велам да не се израдувам да не не го довршив тој никаквец“, стоело во транскриптотот од разговорот меѓу Азири и Невзат Бејта од  ДУИ, кој комуницирале со обвинетите, а кој го прочита Зорица Наќевска, мајка на убиениот Александар.

Во судницата денеска беа сите обвинети, освен Демири и Исмаиловиќ, за кои Агим Исмаиловиќ рече дека се на Косово.

Специјалните обвинители Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски го прочитаа старото обвинение и обвинетите повторно ги товарат за тероризам, но најавија нови докази кои ќе бидат изведени во доказна постапка.

 

Јас се колнам дека не сум го направил тоа и не сум виновен, рече Исмаиловиќ.

Иако на рочиштето на првото судење, Исмаиловиќ рекол дека копал канализација во куќата, сега тврдеше дека за време на убиството бил на работа во интернет кафето, дека можеби се молел, па дека не се сеќава точно кај бил.

Обвинителката Фатиме Фетаи и адвокатот на обвинетите Насер Рауфи влегоа во мал конфликт кога Фетаи побара Агим Исмаиловиќ да ја каже адресата на живеење и телефонскиот број на неговиот брат. Обвинетиот откри дека брат му Африм Исмаиловиќ е во Приштина и дека косовската полиција ја знае точната адреса.

Обвинителката Фатиме Фетаи по завршување на рочиштето во изјава за медиумите рече дека важно за овој предмет е тоа што тој стартува од почеток и дека во понатамошниот тек на судскиот процес ќе се изведуваат старите докази, но исто така ќе бидат изведени и нови докази од СЈО, но  и од страна на одбраната.

Според неа, од новите докази ќе зависат дали ќе има измени во обвинението за петкратното убиство.

Она што е различно со првичното обвинение е дека Фетаи го потенцираше датумот на убиството, а не и празникот Велигден,  кој претходно обвинителката Гордана Гешковска го потенцираше како мотив на верска основа.