Исмајлоска Старова: СДСМ на секој начин сака да ја задуши граѓанската иницијатива за породилното отсуство

СДСМ ги лажеше граѓаните во предизборната кампања, ги лаже и денеска и до пред две седмици велеа дека од процедурални причини не можело да се продолжи породилното отсуство, но во вторникот стана јасно дека и за тоа излажале, со што станува очигледно дека новата влада нема капацитет да излезе в пресрет на барањата на граѓаните и да ги исполни своите ветувања, истакна на денешната прес-конференција Нола Исмајлоска Старова од ВМРО-ДПМНЕ.

Петходно во вторникот во медиумите се појави извадок од нацрт-записникот од Седмата седница на Владата на Република Македонија,во кој новата министерка за труд и социјална политика во владата на СДСМ, Мила Царовска, информира дека треба да се заземе негативен став и да се одбие барањето за продолжување на породилното отсуство, поради според неа наводни „финансиски импликации“.

„На овој начин, Царовска и СДС очигледно се обидуваат на секој можен начин да ја задушат граѓанската иницијатива, иако во предизборието на големо ветуваа дека токму граѓанските иницијативи секогаш ќе ја имаат нивната поддршка“, рече претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Исмајлоска Старова, од една страна, од СДСМ гласно изјавувале дека ќе ја поддржат иницијативата, меѓутоа од друга страна, пак, многу лесно ја одбуваат.

„Очигледно, Социјалдемократскиот сојуз се расфрла со секакви ветувања и ветува брда и планини само кога е во опозиција, но кога е на власт очигледно ништо од ветеното не планира и нема намера да го исполни и реализира. Крајно несериозно и неодговорно, па макар тоа било и од СДС“, оцени пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Потети дека овие предложени законски измени за коишто министерката Мила Царовска изнесе негативен став, се идентични со барањата на граѓанската иницијатива потпишана од 217 мајки.

„На крајот, прво како мајка, а потоа и како одговорен пратеник, во името на сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, би сакала уште еднаш да апелирам и да ги повикам пратениците од СДС и нивната коалиција, да си опстојат на нивните предизборни ветувања и покрај негативниот став на нивната министерка, да се одважат и да ја поддржат намерата за измена на Законот за работните односи за продолжување на рокот за породилното отсуство на мајките“, рече Исмајлоска Старова.

Заклучи притоа, оти во спротивно, само ќе се докаже дека СДСМ иновото парламентарно мнозинство свесно ги подгревале очекувањата на граѓаните и изнесувале безброј лажни ветувања, кои подоцна нема да можат да ги испорачаат.