Исполнет условот за одржување на Конгрес, присутни 411 делегати

Претседателката на Комисијата за верификација на мандатите на делегатите на 16 вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, Светлана Јакимовска истакна дека на конгресот присутни се 411 од 544 делегати.

„Со ова констатирам дека е исполнет условот да работи Конгресот согласно статутот“, истакна Јакимовска.

По ова беше усвоен Деловникот за работа на 16 Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, а беше и избрано работното претседателство кое продолжи со работа на Конгресот согласно дневниот ред.

Претседател на работното претседателство е Коце Трајановски, а членови се Емил Димитриев, Ане Лашкоска, Елизабета Канческа-Милевска, Владимир Нелоски, Светлана Колариќ, Даниела Рангелова, Дијана Таранталовска, Александар Николоски, Алим Билали и Марио Цветковски.