Македонија

Исполнети желбите на децата од згрижувачките семејства

Исполнети желбите на децата од згрижувачките семејства

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска присуствуваше на манифестацијата„Новогодишната елка на желби“  каде  на децата без родители и родителска грижа од згрижувачки семејства од Скопје  им беа исполнети желбите што ги посакале во изминатиот период.

Во рамки на манифестацијата, која се организира петта година по ред од страна на Црвениот крст на Град Скопје, децата од згрижувачките семејства на „Новогодишната елка на желби“ ги закачуваат своите желби, а подароците им ги обезбедуваат компаниите и хуманите граѓани, со поддршка на Црвениот крст и Министерството за труд и социјална политика.

Деца сместени во згрижувачки семејства дојдоа да си ги подигнат исполнетите новогодишни желби.

Акцијата е поддржана приватни компании, останати институции, но и физички лица, кои донираат и даваат подароци за децата згрижени во згрижувачките семејства, односно донираат нешто од она што децата го запишале како новогодишна желба.

„Би сакал да упатам една порака до сите хумани граѓани, до сите оние коишто сакаат да им помогнат на дечињата без родители, на дечињата без родителска грижа, на дечињата коишто се со одредена попреченост, а имаат потреба од згрижување. Сите оние кои сакаат да помогнат при згрижувањето на овие деца да се пријават во најблискиот Центар за социјална работа. Ние како институција одвојуваме од 6.500 до 8.000 денари месечно за секое она семејство коешто ќе згрижи дете, кое е без грижа во одреден момент во својот живот“, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Додаде дека во Македонија има 170 згрижувачки семејства коишто згрижуваат над 230 дечиња.

„Ние набрзо ќе започнеме една посебна активност за поттикнување на граѓаните во Република Македонија за зголемување на бројот на згрижувачки семејства со оглед на тоа дека и ние од Буџетот издвојуваме одредени средства за овие згрижувачки семејства со цел да ги надоместат трошоците за згрижување на децата кои што се без родителска грижа. Исто така, овие згрижувачки семејства имаат и дополнителна поволност односно доколку не исполнуваат услови за старосна пензија за жената по 62 години, а за мажите по 64 доколку згрижувале дете повеќе од пет години имаат право на парична помош месечно од страна на државата“, заврши  Спасов.