Исповед на татко на џихадист од БиХ кој војувал за ИСИС

Пред 13 месеци од Босанска Лука, село во близината на Велика Кладуша, исчезнал 23 годишниот Суад Шабиќ. Загрижените родители Рифет и Суада, како и браќата Ервин и Харис добиле повик од него десетина дена подоцна преку интернет. Тоа повеќе не бил нивниот син и брат, туку војник на Исламската држава во Сирија, пишува хрватски Јутарњи.

Таткото на Суад бил во шок. Во тоа време веста била повеќе добра отколку лоша затоа што барем знаеле дека синот им е жив. Пред три дена Рифат добил повик од странство. Стигнала вест од која се плашело семејството со месеци.

– Се јави негов пријател. Рече дека Суад е мртов, дека загинал во борба. Не знам детали. Човекот рече дека ќе се јави за некој ден преку Скајп, па ќе ни раскаже се. Тој бил од Сански Мост. Заедно заминале и заедно се бореле таму, изајвил за Јутарњи 51 годишниот Рифет Шабиќ.

Прв пат синот му се јавил од камп за обука на војници на ИСИС. Му рекол дека е добро. Потоа повремено се јавувал за време на паузите меѓу борбите. Таткото никако не можел да се сложи со неговата одлука да го напушти домот и да отиде во туѓа војна, но тоа не му го кажувал на синот во надеж дека ќе се врати дома жив.

Бесот го истурил врз Хусеин Билал Босниќ, вехабија кој бил уапсен неодамна во акција на истражители во Дамаск. Него го сметаат за водич на вехабистичката заедница во соседната држава и како таков задолжен бил за регрутирање на мажи и жени за заминување на боиштата во Сирија и Ирак од БиХ, но и од Италија. Билал е наследник на Нусрет Имамовиќ, еден од командантите на ИСИС и еден од десетината најбарани терористи во светот.

Како што тврдат соседите на Билал за Јутарњи, тој бил на двегодишно „школување“ во Јемен. Се претпоставува дека таму остварил контакти за врбувањата кои потоа следувале. Таткото на Суад вербално го нападнал Билал сметајќи го одговорен за смртта на неговиот син.

– Не го мислам тоа само јас. Сите овде знаат како нашите деца завршуваат во Сирија, преку кого влегуваат во тоа и кој ги праќа таму, рекол Рифет. Тој нема директни докази, затоа што е невозможно да се откријат сите канали, но вели дека се почнало кога Суад и се приклучил на вехабистичката заедница.

– Зборуваа сам за шеријат и џихад. Се обидов да го извлечам од тоа. Дури и мислев дека успеав. Но, тој тогаш исчезна преку ноќ и се јави од Сирија, вели Рифет.

Селото Босанска Бојна, во кое пред војната во главно живееле Срби, требало да стане нов центар за регрутирање вехабисти во БиХ, како што тоа до сега била Горња Маоча, но плановите на организаторите ги расипала акцијата „Дамаск“.

Државната агенција за истрага и заштита на БиХ (СИПА) располага со податоци дека во Сирија моментално војуваат 150 државјани на БиХ, а до сега загинале 26. Последните месеци интензивно заминуваат жители од подрачјето на западна Босна, а најконтроверзно било „исчезнувањето“ на цело семејство. Елвис Бурзиќ, кој во Сараево работел како чувар во Сирија ја однел сопругата Исмаиха и неговите две ќерки на возраст од две и пет години.

Хасан Карајиќ од Велика Кладуша за Јутарњи вели дека две момчиња од неговото соседство, Алија Кесеровиќ и Фикрет Карајиќ, заминале во Сирија, но не поради верски фанатизам, туку поради немаштијата.

– Алија е дете родено во војната, во 1994 година. Мајка немаше, татко му бил градежен работник кој починал минатата година. Остана Алија и уште три деца. Се обиде детето на црно да работи во Италија, но не успеа. Овде нема работа. Од што ќе живее? Како ќе запознае девојка кога нема ни за сок? Ми рече: одам да бидам шехид, таму нека умрам, ќе завршам во џенет. Овде нема излез, раскажува Хасан.