Истекува рокот за нови фискални апарати со ГПРС

Неделава истекува рокот за воведување нови фискални апарати со ГПРС уред, преку кои даночните обврзници ќе бидат електронски поврзани со серверот на Управата за јавни приходи. На терен, голем дел од компаниите ја завршиле обврската, но има и такви кои се уште не се опремиле, пишува Лидер.

-Една од придобивките е што со електронската евиденција и агрегирањето на фискалниот промет значително се намалува печатената документација, вели Ана Наумовска, менаџерка во еден од поголемите супермаркети во земјава.

Трговците сметаат дека со ова ќе се намали сивата економија во нивниот сектор, ќе се стави крај на нелојалната конкуренција, ќе се редуцираат административните трошоци. Текот на парите ќе се следи електронски со што компаниите ќе штедат и на хартија. Што е најважно, замената на старите со новите фискални каси е на товар на државата, бидејќи потрошените средства за набавка ќе им бидат вратени на компаниите преку даночно порамнување. Постапката за регистрација е едноставна и брза, целата работа се завршува за 15-ина минути, и тоа од страна на овластениот производител од каде даночниот обврзник ја набавил касата. Инсталацијата на новите уреди чини меѓу 200 и 450 евра.

Лиценцираните снабдувачи тријат раце!

 

Како по некое непишано правило, голем дел од даночните обврзници го чекаат последниот рок за воведување фискални со ГПРС. Големите компании, кои во претходната година оствариле промет од над 10 милиони денари, бензинските станици и угостителските објекти веќе се опремени. За нив рокот истече на 31 октомври. Сега е редот на малите фирми, па оттука и продажбата во изминатиот период е значително зголемена. Овластените производители мораа и да се доекипираат со кадар за да одговорат на предизвикот и на барањата на клиентите. Од лиценцираните компании за опремување со новите фискални каси велат дека согласно нашиот менталитет, сè да се прави во 5 до 12, најмногу муштерии очекуват пред истекот на крајниот рок.

-Големите даночни обврзници се снабдени, остануваат најмалите коишто купуваат по една или две фискални каси, но тие се многу на број. Би рекол дека во 95% од времето продаваме 5% од касите, а во другите 5% од времето ќе продадеме 95% од касите. Ние сме подготвени, се екипиравме и со луѓе и со доволно лагер за да излеземе во пресрет на побарувачката, вели Коце Петров од Дуна компјутери.

Слична е состојбата и кај другите лиценцирани производители.

-Навистина е голем одзивот, прометот секојдневно се зголемува. Има луѓе кои се уште се распрашуваат и се интересираат. Оттука сметам дека до 31 јануари побарувачката ќе биде уште поголема,  вели Мими Атанасова – Зикова од Давид компјутери.

Производителите се согласни дека со новите уреди многу полесно ќе се контролираат фискалните текови, бидејќи секојдневно ќе се испраќаат податоци до серверот на УЈП.

УЈП ќе се фокусира на ризичните даночни обврзници

Со новите ГПРС каси, Управата за јавни приходи ќе ги детектира трговците кои не издаваат фискални сметки и затајуваат данок. Даночниците со овој систем ќе можат во секој момент по електронски пат да извршат контрола, без притоа физички да го посетат даночниот обврзник, со што ќе им се даде и повеќе време да вршат таргетирани контроли, односно да се насочат кон оние даночни обврзници кои се од ризичната група. Првичните проценки покажуваат дека наплатата на даноци што произлегува од регистрацијата на готовинските плаќања ќе се зголеми од 20 до 25 проценти.

-Со ова ќе се овозможи УЈП да ги насочи своите контроли кон ризичните даночни обврзници, па се очекува бројот на контроли да се намали. Ќе се намалат административните трошоци, и за даночните обврзници и за УЈП, објаснува Весна Новаковиќ од Управата за јавни приходи.

Од УЈП очекуваат до крајниот рок, 31 јануари, во системот да бидат регистрирани меѓу 50 и 55 илјади фискални апарати со ГПРС. Новаковиќ апелира обврската да се заврши до крајот на месецов, бидејќи ќе нема продолжување на рокот.

-Ако немате воведено фискален систем со ГПРС ќе се смета како воопшто да не поседувате фискален апарат. Казните се разликуваат. За малите даночни обврзници изнесуваат 750 евра, а за сите други казните изнесуваат 3.250 евра во денарска противвредност. Законот предвидува и времена мерка за затворање на објектот, во времетраење од 15 до 30 дена. Од тие причини, сите даночни обврзници кои вршат промет, а се уште го немаат воведено новиот систем, треба да побрзаат и да обезбедат фискален апарат со ГПРС уред, вели Новаковиќ.

Фискализацијата е на товар на државата

Според првиот човек на Министерството за финансии, со оваа новина се воведува нов и современ систем преку кој ќе се намали сивата економија.

-За даночните обврзници има придобивки од новиот систем, во насока на поедноставување на постапката и намалување на бројот на даночни контроли. Со самото тоа што УЈП во реално време ќе ги има информациите за дневниот промет, ќе може реално да ги оцени ризиците и да процени каде постои сомнеж дека прометот лажно се пријавува или плаќањето готовински се одвива. Ова значи дека ќе се вршат контроли само на оние места за кои има индикации дека пријавениот промет е помал од реалниот. Од друга страна, даночните обврзници ќе можат постапката да ја вршат со помали административни трошоци, бидејќи ќе нема потреба од хартиени ленти за пријавување на прометот. Ова ќе се прави на електронска картичка, што значи дека прометот и трансакциите ќе се евидентираат по електронски пат. Се работи за современ и попрецизен систем преку кој ќе се намали сивата економија, вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Ставрески објаснува дека се решиле целата постапка да биде на сметка на државата, бидејќи целта е да се осовремени фискализацијата, но не на товар на даночните обврзници.