Истекува рокот за промена на сопственоста на градежно земјиште

Истекува рокот за промена на сопственоста на градежно земјиште
Истекува рокот за промена на сопственоста на градежно земјиште
Граѓаните кои досега не поднеле барање за трансформација на корисничкото право на градежно неизградено земјиште во право на сопственост по сила на закон, заклучно со среда 15 јуни во 19 часот можат да ја искористат последната можност да поднесат пријава за промена на правото до Агенцијата за катастар на недвижности.

Од Агенцијата ги повикуваат граѓаните кои не поднеле барање за приватизација до Управата за имотно правни работи до 15 декември 2014 година, тоа да го направат до среда и најавуваат дека шалтерите во Центарот на катастар на недвижности во Скопје во наредните три дена ќе работат со продолжено работно време до 19 часот.

– Со измените на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост од септември 2015 година со повеќе законски решенија значително ја поедноставивме постапката за приватизација на градежното земјиште. Една од позначајните новини беше создавањето можност градежното неизградено земјиште кое не е опфатено со акти за урбанистичко планирање, а на кое право на користење имаат физичките и правни лица врз основа на Заклучок донесен од Управата за имотно правни работи, Агенцијата за катастар на недвижности да изврши промена на правото на користење во право на сопственост, рече директорот на Управата за имотно правни работи Зоран Крстаноски на денешната прес-конференција во Агенцијата за катастар.

Прецизира дека беше утврдена и дополнителна можност корисниците на градежното неизградено земјиште, поранешни сопственици кои не поднеле барање за приватизација да можат во постапка преку Катастарот да стекнат сопственост врз земјиштето врз основа на поднесена пријава за промена на правото на користење во право на сопственост.

– Рокот за поднесување на пријавите истекува на 15 јуни 2016 година и тоа е последната  можност за трансформација на корисничките права на градежното земјиште. Токму поради тоа 15 јуни е почетокот на крајот на егзистирањето на корисничките права на градежното земјиште, бидејќи  согласно законските одредби Катастарот после овој датум нема да  запишува нови кориснички права, рече Крстаноски.

Потенцира дека најдоцна до 15 декември годинава Катастарот ќе ги избрише запишаните кориснички права на градежното земјиште.

– Бришењето на корисничките права на земјиштето нема никакво влијание врз поднесените барања за приватизација во Управата  за имотно правни работи и одделенијата ќе продолжат со започнатите постапки. Управата во законскиот рок до Агенцијата за катастар на недвижности ги достави сите податоци за поднесени барања за приватизација и во иднина во имотниот лист за замјиштето на местото на досегашната прибелешка за право на користење ќе биде даден податокот за боројот на предметот, односно поднесеното барање под кое се води постапката за приватизација на соодветната катастарска парцела, појасни Крстаноски.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески потенцира дека од септември 2015 година до сега 1.447 граѓани ја искористија можноста и корисничкото право го трансформираа во право на сопственост во брза и ефикасна постапка.

Потсети дека постапката за поднесување барање е многу едноставна и покрај пријавата која ја има на шалтерите неопхден е доказ за идентифиација на поднесителот,  актот врз основа на кој е стекнато правото на користење на катастарската парцела, доказ дека не е поднесено барање за утврдување на правен статус на објект на катастарската парцела која е неизградено градежно земјиште и доказ за платен надоместок за имотен лист.

– Агенцијата за катастар по службена должност од Управата ќе обезбеди доказ дали за градежното неизградено земјиште за кое е поднесена пријава во катастарот, веќе е поднесено барање за приватизација на градежно земјиште во Управата за имотно правни работи, рече Трпески, нагласувајќи дека граѓаните  дополнително до катастарот ќе можат да го достават доказот од општините дека не се води постапка за легализација на објект на катастарската парцела за која се однесува пријавата, што беше најголемиот проблем на граѓаните во измнатите девет месеци.