Истепаниот британски европратеник ја напушти антиевропската УКИП

Британскиот европратеник Стивен Вулфи, кој беше натепан во зградата на Европскиот парламент и пренесен в болница, ја напушта антиевропската Партија за независноста на Обединетото Кралство (УКИП), објавија лондонските медиуми.

Инцидентот во Стразбур, што беше оценет како „срамен и недостоен“  фрла сенка врз британските политичари. Тој беше кандидат за нов лидер на УКИП и означуван како фаворит во изборната трка.

Вулфи сега тврди дека партијата што сакаше да ја предводи се распаѓа, дека повеќе никој не може да ја предводи и дека се претворила во „гнасна и расипана“ средина.

Пред безмалку две недели, Вулфи падна во бесознание во Европскиот Парламент и итно беше пренесен во болницата во Стразбур, по жестоката расправија со своите сопартијци од Велика Британија.

Подоцна лондонските весници објавија дека европратеникот завршил во болница, откако бил натепан од свој колега од европратеничката група на УКИП.

Кавгата избила околу кандидатурата на Вулфи за лидер на партијата и обвинувањата дека две недели пред да стане водечки кандидат за лидер, преговарал со Конзервативната партија за да се префрли во редовите на ториевците.