Исти стандарди за квалитетни здравствени услуги во сите болници

На зедничка иницијатива, договорена е соработка меѓу Фондот за здравствено осигурување на Македонија и Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи. За таа цел,  директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева-Змејкова потпиша Меморандум за соработка со директорката на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, проф. др. Елизабета Зисовскa.

Мотивот за воспоставување на соработка меѓу двете институции е со заедничка цел, обезбедување на безбедност на пациентите и вработените во здравствените установи, квалитетна здравствена услуга и намалување на непотребните трошоци.  Тоа значи дека ќе се почитуваат исти стандарди во давањето на здравствените услуги, ист квалитет што на пациентите ќе им биде достапен 24 часа во текот на денот, во сите здравствени установи и за сите пациенти, истакна директорката Парнарџиева-Змејкова.

Според Меморандумот, ФЗОМ, покрај редовните контроли во болничките здравствени установи, ќе врши проверка за подготвеноста на болниците во процесот на акредитација за квалитет, за истите да бидат подготвени кога ќе дојде надворешен оценувач, ангажиран од Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи.

Во соработка со Агенцијата, изработена е листа за проверка, во која што е наведено што ќе проверуваат контрoлорите на ФЗОМ. Овие контроли не содржат казнени одредби, туку целта е ФЗОМ да се осигури дека болниците ќе бидат навремено подготвени за акредитација.

Агенцијата за квалитет и акредитација има мандат да ги подготви здравствените установи во процесот на акредитација, во почетоткот болниците, а подоцна и установите од примарната здравствена заштита, истакна проф.др. Елизабета Зисовскa.

Договорено е на секои шест месеци да се организира средба меѓу Фондот и Агенцијата, на која Фондот ќе го презентира извештајот од контролата. Истовремено, Агеницијата ќе го информира Фондот за процесот на акредитација, како и тоа, каков тип на решение за акредитација и за кој временски рок е издадено за секоја од болниците, штом почне надворешното оценување.

Контролите во првата година ќе посветат дополнително внимание на следниве пет сегменти:

  1. Примена на клинички упатства засновани на докази во клиничка процедура,
  2. План за унапредување на квалитетот на работењето на болниците,
  3. План за лекување, кој треба да е јасно евидентиран во картонот/историјата на болест на пациентот,
  4. Ќе се проверува  дали постои контролна листа во историјата на пациентот што содржи минимум податоци препорачани од СЗО,
  5. Ќе се проверува дали се евидентираат несаканите случувања, дали се испитуваат причините за нивното настанување и дали се креира систем за нивно надминување.

Се очекува до крајот на оваа, 2014 година, во Агенцијата да се достават првите апликации од здравствените установи. До крајот на 2015/2016 година, ФЗОМ ќе прави анализа за воведување на стимулативни мерки за најдобрите болници (кои ќе бидат акредитирани со најдолг временски рок) кои работат според стандардите за безбедност на пациентите и вработените, и обезбедуваат квалитет на здравствените услуги според европските стандарди за квалитет, како и дестимулативни мерки за оние болници, кои не се заинтересирани да креираат систем, кој ќе обезбеди стандарди и квалитет на здравствените услуги.