Истибања доби мултифункционално игралиште

Премиерот Никола Груевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасески и градоначалникот на општина Виница Емил Димитровски денеска пуштија во употреба повеќенаменско спортско игралиште во населеното место Истибања, кое е во склоп на ОУ „Гоце Делчев“, пренесува МИА.

Игралиштето, како што нагласи Груевски на отворањето, овозможува услови за играње фудбал, ракомет, кошарка и други спортови. Опремено е со рефлектори што ќе овозможи негово користење и во доцните вечерни часови.

– Со ваквите услови верувам дека игралиштето ќе излезе во пресрет на потребите на учениците од ОУ „Гоце Делчев“, но и на останатите жители на Истибања, рече Груевски, додавајќи дека Владата преку Агенција инвестирала 7 милиони денари.

Покрај ова игралиште, информира, во фаза на градба е и новото тениско игралиште кое наскоро ќе биде готово. Од останатите спортски објекти во општина Виница, тој потсети на надградбата на спортската сала „Капетан Кирчо Димитров“ и оти е предвидена изградба на уште едно повеќенаменско спортско игралиште.

Владата во Истибања, додаде Груески, помогна да се замени старата столарија во ОУ „Гоце Делчев“ со нови прозорци и врати, асфалтирани се повеќе улици, во финална фаза на градба е нова детска градинка која ќе има капацитет од околу 30 деца, извршена е реконструкција на крак од канализациската мрежа, поплочени се околу 200 метри мали улички и извршено е уредување на централниот простор.

– Ваквата наша соработка со општина Виница ќе продолжи и во наредниот период. Ќе продолжиме да вложуваме во нови проекти кои се од витално значење за отворање нови работни места, изградба на фабрики, инвестиции во образованието, спортот, земјоделството, културата, здравството, изградба на патишта и во повеќе други области. Воедно ќе помогнеме и во напорите за унапредување на туризмот во Виница и етаблирање на Меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здраво-живо“ чиј 30-ти јубилеј е наредната година, рече Груевски.

Владата и институциите на системот, како што подвлече, ќе продолжат со интензивно темпо на работа на сите полиња од интерес на граѓаните во сите делови од државата.

– Пред нас е период кој ќе донесе многу придобивки, инвестиции, реформи и нови проекти, но и период во кој треба да ги довршиме проектите кои ги започнавме во минатото и континуирано ги реализираме во изминатиот период, рече премиерот Груевски.

Игралиштето во Истибања, е дел од проектот “100 Повеќенаменски маалски игралишта”. Тоа е со димензии 45х28 метри и ќе може да се користи за играње мал фудбал, серва, кошарка, ракомет, тенис и други игри и ќе биде место кое ќе претставува одлична поддршка за сите спортисти и сите граѓани на Истибања и Виница. Покрај тоа ќе може да се користи и во вечерните часови бидејќи е осветлено со рефлектори.

Игралиштето кое денеска е ставено во функција е 17-то повеќенаменско игралиште кое свечено е отворено, 33 игралишта низ целата држава се завршени и подготвени за свечено отворање, а уште 5 игралишта се во фаза на градба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.