Македонија

Историја и мајчин јазик слаба точка на матурантите

Историја и мајчин јазик слаба точка на матурантите

Матурантите кои годинава полагаа  државна матура како услов за продолжување на високото образование, постигнаа просечна оценка  3,11. Процесот го следеа 2.000 обучени тестатори, 500 оценувачи,  24 локални координатори и 200 овластени набљудувачи.

Од  Државниот испитен центар посочија дека  за јунскиот испитен рок се пријавиле околу 18.370 кандидати. Како новитет годинава, беше зголемен бројот на екстерни предмети од  два на три, а исто така се зголеми и листата на изборни предмети со биологија, хемија, физика,  историја и бизнис.

Според постигнатите резултати, забележливо е дека кандидатите покажале подобар успех по странски јазик отколку по мајчин јазик.  Според министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, државната матура не е само да се проверат реалните оценки, туку и да  се елиминираат слабостите во образовниот систем. А, наставниците,  училиштата и министретсвото во иднина ќе треба да преземе чекори за унапредување на образовниот процес.

Годинава, просечната оценка по мајчин јазик и литература  на матурантите е 2,99, по математика основно ниво и математика напредно ниво е 3,04. Просечната оценка по странски јазик е 3,43, по филозофија 3,98, по етика 3,82, по хемија 3,36, по биологија 3,42, по физика 3,68 и по историја просечната оценка е 2,99.
Годинава за првпат беше понуден и предметот бизнис, за што имало и голем интерес, а учениците кои го полагале овој предмет покажале просечен успех од 3,27.

Денеска на огласните табли во сите училишта ќе бидат објавени и резултатите од екстерноот оценување, како и на интернет страницата matura.gov.mk.

„Незадоволните кандидати може да достават приговор до Државниот испитен центар на 16 и 17 јули. Следната испитна сесија е во август. На 11 август се полага мајчин јазик и литература, на 13 август се полага странски јазик, на 14 август се полага математика, естетика и филозофија, а, на 16 август се полага биологија, хемија, физика историја и бизнис“, посочи министерот Адеми.