Историска средба меѓу Обама и Кастро

Американскиот претседател Барак Обама и неговиот кубански колега Раул Кастро синоќа одржаа историски разговори во Панама, што е прва средба меѓу лидери на САД и Куба од Студената војна.

Обама и Кастро се сретнаа на маргините на Самитот на Организацијата на американските држави, со што е отворен пат за нормализирање на односите меѓу двете земји.

– Ова очевидно е историски состанок. Верувам дека е време да се проба нешто ново и важно за нас, да се поврземе подиректно со кубанската Влада. И што е уште поважно со кубанскиот народ – изјави американскиот претседател.

Шефот на кубанската држава истакна дека тој и Обама се подготвени да разговараат за „чувствителни“ прашања, вклучувајќи ги човековите права и слободата на медиумите, тврдејќи дека „се може да се стави на маса“. Тој нагласи дека двете земји за некои работи се согласуваат, но за некои не се согласуваат.

– Подготвени сме да направиме напредок на начин како што го опиша претседателот Обама – додаде Кастро.

Американскиот претседател му се заблагодари на Кастро поради „неговиот отворен дух“, додека неговиот кубански колега одговорил дека Куба е подготвена да разговара за се, но преговорите за повторно воспоставување на дипломатски односи меѓу двете држави „бараат големо трпение“.

– Оваа промена во политиката на САД претставува пресвртница за целиот наш регион – оцени Обама.

Кастро, кој побара да биде затворено прашањето со американското ембарго за Куба, нагласи дека „претседателот Обама е чесен човек“.