Историски ден за Србија

По меѓународната конференција, со која официјално Србија ги започна преговорите за членство во Европската унија, во Брисел е одржана заедничка конференција за новинари, на која говореле министерот за надворешни работи на Грција, европскиот комесар за проширување Штефан Филе, премиерот на Србија, Ивица Дачиќ и вицепремиерот Александар Вучиќ.

По министерот за надворешни работи на Грција, која претседава со ЕУ, Евангелос Венизелос, кој го поздрави почетокот на преговорите на Србија и ЕУ, на конференцијата говорел и европскиот комесар Штефан Филе, кој своето обраќање го започнал на српски јазик: „Добар ден, добре дојдовте. Ова е историски ден за Србија и ЕУ“.

Понатамошното обраќање го продолжил говорејќи на англиски јазик, порачувајќи дека Србија направила многу големи чекори на вистинскиот пат кон ЕУ, во годините што следуваат.

„Србија го заслужи овој чекор, заблагодарувајќи му се на напредокот што го направи во вид на прогрес. Клучот се реформите во многу сегменти, а посебно големиот напор што е направен во односите со Косово“, изјавил Филе.

Филе истакнал дека сепак Србија ја чека тешка работа и многу предизвици. Најпрвен Белград мора да остане потполно посветен на нормализацијата на односите со Приштина и почитување на меѓусебниот договор, а потоа и да продолжи да работи по точките на преговарачкиот процес, каде особено се важни 23-тото и 24-тото поглавје.