Историски највисоки инвестиции, зголемени пензии и социјална помош

Со предлог буџетот за 2016 година ќе се овозможи историски највисоко ниво на инвестиции, ќе се зголемат пензиите и надоместоците за социјална помош, а буџетскиот дефицит ќе се намали од 3,6 на 3,2 проценти од БДП, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Во образложението за Предлог-буџетот за 2016 година пред членовите на Комисијата за финансирање и буџет Ставрески рече дека капиталните инвестиции се планирани на износ од 25.092 милиони денари, како развојна компонента на буџетот што директно ќе помогне за динамизирање на економската активност во 2016 година. Капиталните инвестиции за догодина, според Ставрески, се за 2.858 милиони денари повеќе отколку во 2015-та година, што е раст од 12,9 проценти. Инвестиците се за значајни проекти во делот на патната инфрастуктура, каде се планирани 250 милиони евра за патишта, за железничката  инфраструктура се предвидени 2.203 милиони денари.

– Ќе се продолжи со политиките за грижа за социјално ранливите категории, пред се на примателите на социјална помош и пензионерите, како и земјоделците за коишто во буџетот за 2016 година се предвидени повисоки износи на средства и нови зголемувања на социјалната помош и на пензиите, наведе Ставрески.

Тој соопшти дека во периодот од јануари  – август оваа година буџетот имаше натфрлување на вкупните приходи за 12,304 милијарди денари или за 13,4 проценти во однос на 2014 година истиот период. Високите буџетски приходи во коишто даночните приходи играат многу значајна улога продолжија и во текот на септември за коишто имаме прелиминарни податоци и ќе кажам дека даночните приходи во истиот период, во првите осум месеци, беа зголемени за 7,711 милијарди денари или за 14,4 проценти во однос на претходната година, наведе Ставрески.

Во рамки на вкупните приходи, посочи, има дивергентни движења кај поодделни даноци, но вкупната слика е добра. Тоа покажува дека реализацијата на буџетот на приходна страна оди подобро од очекувањата, додека на расходна страна сме во рамки на планираното, рече Ставрески.

Според него, оваа година се завршува со силна буџетска позиција, со добра ликвидност на буџетот и навремено и редовно сервисирање на сите обврски од буџетот.  – Тоа ни создава добра основа за да влеземе во 2016 година со добра буџетска позиција и со салдо и со динамика кои што ќе овозможат да се остварат очекувањата за 2016 година, а тоа е буџетскиот дефицит да се намали од 3,6 на 3,2 проценти од БДП, рече Ставрески.

Тоа, појасни, е значајно бидејќи претставува исчекор во насока на реализација на тригодишната фискална стратегија на Владата на Република Македонија која што предвидува етапна консолидација на јавните финансии, при што во 2017 година буџетскиот дефицит ќе се сведе под 3 проценти и ќе се одржжува и понатаму на тоа ниво.

Според Ставрески,  на приходната страна на буџетот  ќе нема потреба од корекции во делот на евентуални зголемувања на даноци или воведување нови даноци или други давачки бидејќи со тие параметри  ќе се одрж поволната даночна клима. –  Република Македонија и натаму ќе може да има најниски даноци во светот, односно пораката до бизнисмените со намалување на буџетскиот дефицит е дека даночната стапка ќе остане непроменета, односно ниските даноци за фирмите, како и за граѓаните со рамен данок од 10 проценти и ефективна даночна стапка од 7,4 проценти Република Македонија како што и не оценија меѓународните финансиски институции ќе остане земја со најниски даноци во светот и земја со најниски даночни трошоци за фирмите и за граѓаните, рече Ставрески.

Во извонредно сложена политичка ситуацијата во земјата, како и криза во ЕУ наметната од ситуацијата  во Грција, македонската економија покажала висок степен на жилавост и во такви околности е остварен економски раст од близу 3 проценти. Просечниот раст на македонската економија од 2,9 проценти за првите шест месеци од оваа година е меѓу повисоките стапки на економски раст во Европа, а заедно со Црна Гора во регионот на ЈИЕ е највисока стапка на раст остварена во првото полувреме од годината и тоа е добар, одличен би рекол резултат имајќи предвид какви сложени политички околности имаше во истиот период, наведе Ставрески, посочувајќи дека и понатаму значаен генератор на економскиот раст остана градежништвото, пред се помогнато од високиот износ на капитални инвестиции од буџетот на РМ, реализацијата на значајни инфраструктурни проекти.

– Би сакал да истакнам дека вкупната слика за извозот и увозот, бидејќи увозот растеше но со помала динамика од извозот е во насока на намалување на трговскиот дефицит, значи трговскиот дефицит од година во година се намалува и тоа е една добра карактеристика во текот на изминатите години, наведе Ставрески.

Со Предлог-буџетот за 2016 година се очекува реален раст на БДП  од 4 проценти, на извозот на стоки и услуги  од 8,1 процент, на бруто инвестиците 7,5 проценти,…. Стапката на инфлација е проектирана на ниво од 2 процента.

Вкупните расходи, според предлогот, се проектирани на 195.788 милиони денари, кои се за 4,7 проценти повисоки од оние во 2015 година, а вкупните приходи се проектирани на 176.804 милиони денари каде има зголемување за 6 проценти во однос на 2015 година.

Планираното ниво на дефицитот за 2016, образложи Ставрески, ќе се финасира преку комбинација на домашни и странски извори на финансирање, односно во рамки на странските извори на финасирање издавање еврообврзница, а  на домашниот пазар ќе се оди на минимизирање на трошоците и продолжување  на рочноста на хартии од вредност како политика што ја следиме  во последните неколку години.

– Со предвидените  средства за  финансирање на буџетот и  на проекти РМ ќе остане во зоната на умерено  задолжени земји, односно ќе се вклопи  во среднорочната фискална стратегија, додаде Ставрески.