Истрага во Косово за сите кои ја минале границата со Македонија

Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека секој кој во последно време ја минал границата со Македонија ќе подлежи на истрага, но не прецизира точно за кој временски период станува збор, објави МИА.

Обвинителството ја потврди и денешната акција на косовската полиција која во неколку региони на Косово изврши претреси во куќите на лица за кои постојат сомнежи дека учествувале во вооружената престрелка во Куманово.

Според онлајн изданието на приштинскиот весник „Експрес“, во конфликтот за време на викендот во Куманово и официјално е потврдено учеството на одреден број Косовци. Некои од нив се уапсени додека некои се и убиени, стои во написот на „Експрес“.

Претходно, весникот јави дека косовската полиција врши претреси во куќите на Косовците учесници во воружената престрелка во Куманово и повикувајќи се висок полициски функционер наведе дека „се конфискуваат фотографии, документи, како и други доказни материјали за причините за вмешаност на овие лица во конфилкот во соседната земја“.

Исто така и дел од семејствата за весникот потврдиле дека полицијата извршила претрес во нивните домови и земала материјали, за што тие потпишале и записник.