Истражувања и иновации кои ќе отворат нови работни места

Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми во име на Владата го потпиша Меѓународниот договор помеѓу Македонија и ЕУ за учество во Рамковната програма за истражување и иновации – “Хоризонт 2020“.  Програмата претставува финансиски инструмент на Европската Унија за поддршка на истражувањето и иновациите, со цел креирање на нови работни места, економски раст и конкурентност на Европа.

“Договорот што го потпишуваме за нашата научно-истражувачка и бизнис заедница ќе обезбеди можност за поблиска соработка во постигнување на заедничките цели – економско опоравување на Европа и надминување на најголемите проблеми што го загрижуваат народот“, рече министерот Адеми, додавајќи дека соработката помеѓу ЕУ и Македонија во оваа сфера не е нова, односно земјата беше успешен учесник и во претходната 7ма Рамковна програма со повеќе од 100 финансирани проекти, особено во областите на информатичката и комуникациска технологија, енергијата, земјоделството и безбедност на храната.

Активното учество на Република Македонија во програмата  обезбедува интернационален пристап во истражувањата и иновациите на научната и бизнис заедница од земјата, поттикнување на мобилност, трансфер на знаења и технологии, како и пристап до врвна експертиза во соодветните области.