Истражување на ОБСЕ: Расте задоволството на граѓаните од полициското работење

Ми претставува задоволство што денес можеме да презентираме уште еден извештај кој ни укажува во каква насока се движиме и во колкава мера ги исполнуваме очекувањата на граѓаните. Токму мислењето на граѓаните за нас е една од најрелевантните оценки бидејќи на избори тие ги казнуваат и наградуваат вистинските или погрешните политики, но и го даваат мандатот и ги поддржуваат проектите и програмите за кои мислат дека ќе го подобрат нивниот живот.

Ова меѓу другото го истакна денес министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на презентацијата на извештајот што ОБСЕ во соработка со МВР го спроведува на секои две години, – “Истражување на јавното мнение за полициското работење“, и на која што присуствуваше и амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во РМ Ралф Брет.

Јанкулоска истакна дека проектот, односно истражувањето кое на секој две години се изработува во соработка со ОБСЕ, претставува важен тест за сработеното и показател во кој правец треба да се насочи вниманието.

-Од последното истражување може да се констатира дека продолжува позитивниот тренд на зголемување на задоволството на граѓаните од работењето на полицијата, а токму тоа е најважната причина заради која постоиме како сервис. Почнувајќи од 2008 година, откако се мери овој податок, процентот на граѓани кои се задоволни од полициското работење е зголемен за близу 20 отсто. Иако изминативе две години бележиме мал раст од околу 2%, сепак успеавме да ја минеме линијата од 50%, односно 51,5% од граѓаните годинава искажале задоволство од работењето на полицијата. За приближно 3 проценти во изминативе две години е зголемен и бројот на граѓани кои и веруваат и ја почитуваат полицијата во нивната заедница, тренд кој продолжува од 2004 година наваму. Имено за сите овие години довербата и почитувањето се зголемени од 41,4% на 64,2%. Во контекст на довербата на граѓаните во полицијата, само би додала дека просекот во земјите членки на Европската Унија, според Еуробарометар изнесува 42%. Фактори кои влијаат на степенот на доверба, според истражувањата се ефективноста во полициското работење, фер односот и споделувањето на исти вредности и интереси со граѓаните, како и силното посветување на заедницата. Затоа високиот процент на доверба од страна на граѓаните нас не прави особено горди, посочи Јанкулоска.

Таа додаде дека забележан е континуиран напредок и во неколку други важни параметри. За неколку проценти се зголемил бројот на граѓани кои позитивно одговориле на прашањата „Полицијата еднакво се однесува кон сите граѓани“, „Полицијата кон сите граѓани се однесува со почит“, „Полицијата се однесува фер со луѓето“ и „Полицијата еднакво се однесува кон сите етнички групи“. Кумулативно, споредбено со 2004 година кај сите овие ставки растот се движи од 20 до 25 проценти.

Јанкулоска во нејзино и во име на МВР вети дека сериозно ќе го анализираат извештајот и ќе се обидат да изготват соодветна стратегија за адресирање на секое прашање поединечно, со единствена цел во иднина да продолжат да го унапредуват угледот на полицијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.