Истражување на пештерната црква и на параклисот во Зрзе

Со поддршка од Министерството за култура, Институтот за старословенска култура од Прилеп започна со истражувања со цел да се добијат продлабочени познавања за значењето, хронологијата и програмските решенија на фрескодекорацијата на пештерната црква и на параклисот во монашката населба на локалитетот Св. Преображение – Зрзе.

Активностите во рамките на овој проект предвидуваат документирање и хемиска анализа на малтерот и на сликарските бои врз фрагментите од фрескодекорацијата, по што ќе биде направена компаративна анализа со сликарството од манастирската црква „Св. Преображение“ и мирската црква „Св. Никола“. На овој начин ќе се создадат услови да се определи хронологијата на сликарството, да се утврди неговото потекло, по што ќе се направи графичка и дигитална реконструкција на дел од програмата на живописот на пештерната црква и на параклисот.

Со ваквите истражувања, ќе се понудат продлабочени познавања за животот, карактерот и за другите аспекти на монашката населба и на културниот комплекс Св. Преображение – Зрзе, а преку хемиските анализи и конкретните идејни решенија ќе се овозможи конзервација, реставрација и презентација на овие фрагменти како следен чекор за нивна заштита.

Сликаниот ансамбл на манастирската црква „Св. Преображение“ и на мирската црква „Св. Никола“ – с. Зрзе е производ на повеќе сликарски целини кои настанале во различни хронолошки периоди и кои сведочат за богатото културно минато на овој регион. По своето историско и ликовно значење се истакнуваат фреските кои настанале во втората половина на XIV век, сликарството на мајсторот Онуфриј, околу 1535 година, и програмата нa тремот на манастирската црква коja била насликана во првата половина на XVII век.

Со почит,
Одделение за односи со јавноста