Италија бара од европските партнери да ги отворат пристаништата за бродовите со имигранти

Италијанскиот министер за внатрешни работи ги повика во неделата земјите членки на Европската унија, пред средбата во Париз со неговите француски и германски колега, да ги отворат своите пристаништа за бродовите кои ги спасуваат имигрантите за да се ублажи притисокот врз Италија.

Министрите за внатрешни работи на Италија, Франција и Германија ќе се сретнат подоцна во неделата вечерта во Париз за да разговараат за координиран пристап со кој би ѝ се помогнало на Италија во соочувањето со мигрантскиот бран, изјавил за AFP извор близок со оваа проблематика.

Италија се соочува со огромен притисок, изјавил италијанскиот министер Марјо Минити во интервјуто за дневниот весник Il Messaggero.

Рим во меѓувреме се закани дека ќе ги блокира влезовите во италијанските пристаништа за странските бродови кои спасиле имигранти во Средоземното Море.

Бродовите кои спасуваат имигранти „пловат под знамињата на различни европски земји“, вели Минити, појаснувајќи дека бродовите на невладините организации, на поморската европска агенција „Софија“ и на Европската агенција за заштита на границите „Фронтекс“ учествуваат во тие акции, заедно со италијанската крајбрежна стража.

„Доколку единствени пристаништа кон коишто се упатуваат имигрантите се италијанските, тоа не е во ред. Тоа е во центарот на проблемот“, истакнува Минити.

Додава дека „извонреден сигнал“ дека ЕУ сака да ѝ помогне на Италија ќе биде доколку макар и еден брод наместо во италијанско пристаниште биде упатен во некое друго.

Рим подолго време се жали дека е препуштен самиот на себеси во мигрантската криза и ги повикува европските партнери да покажат повеќе солидарност.

Италија забележала од почетокот на оваа година доаѓања на повеќе од 83.00 имигранти што претставува зголемување од 19 отсто во однос на истиот период минатата година. Имигрантите во мнозинство доаѓаат од Либија, а по доаѓањата во италијанските пристаништа се упатуваат во пренатрупаните центри за нивно прифаќање.