Анализи

Италија доби влада, Брисел нови главоболки

Италија доби влада, Брисел нови главоболки
Џузепе Конте, премиер на Италија/Ansa

Првата италијанска влада која се изроди од сојузот на релативно новото антисетаблишмент и евроскептични движење и партијата од крајната десница која заговара зауздување на имиграцијата и отфрлање на мерките за штедење, стапи на сцената под водство на новакот во политиката правникот Џузепе Конте кој вети спроведување политика против штедењето и јакнење на безбедноста на земјата, што предизвикува претпазливост и стравувања во Брисел, каде што сѐ уште се обидуваат да ги премостат разликите со „одметнатите“ централноевропски членки.

По речиси три месеци преговори, Движењето пет ѕвезди (М5Ѕ) и Лига постигнаа компромис со претседателот на Италијанската Република, Сеџо Матарела, кој бараше гаранции дека Италија ќе остане во еврозоната. Претседателот стави спектакуларно вето на првата листа, што Брисел го поздрави за разлика од сличните потези на шефовите на други држави, на пример на Македонија, на првата листа којашто мандатор му ја претстави пред две седмици. Тогаш одби да го потврди 81-годишниот економист Паоло Савона, гласен критичар на еврото и Европската унија, за клучниот ресор – министерството за финансии.

Кога беше веќе отворен патот кон влегување на земјата во уставна криза и можни нови избори, а јавното мнение покажуваше дека на нив двете партии би можеле уште повеќе да ги зацврстат своите позиции, следеше пресврт и Матарела со видно олеснување се откажа од именувањето технократска влада и го потпиша предлогот за нов министер за финансии. Наместо Савоне, во овој извонредно важен ресор во третата економија според обемот во еврозоната, доаѓа помалку за пошироката јавност познатиот Џовани Триа, професор по економија на римскиот универзитет Тор Вергата. И Триа е критичен во однос на управување со економијата на ЕУ, но за разлика од Савоне, не заговараше во минатото „план Б“, односно подготовка на Италија за моќно излегување од зоната на заедничната европска валута.

Педесет и четиригодишниот експерт по граѓанско и уставно право без политичко искуство, Џузепе Конте од пред две седмици кога го предложија двајцата партиски челници беше речиси непознат за пошироката јавност. Луиџи Ди Мајо, лидерот на М5Ѕ и Матео Салвини, претседателот на Лига, сега се заменици на премиерот. Ди Мајо е задолжен за економскиот развој и труд, а Салвини за внатрешни работи. Во владата ќе има 18 министри од кои пет се жени. Со распределбата на местата во владата двата сојузника речиси се израмнети, иако Лигата доби само 17 отсто од гласовите на парламентарните избори на 4-ти март, наспроти над 32 отсто за Движењето пет ѕвезди коешто како и на претходните избори е поединечно најсилната партија во парламентот, но десниот блок освои вкупно повеќе гласови. Енцо Моаверо, поранешниот министер за ЕУ во технократската влада на Марио Монти, ќе биде шеф на дипломатијата, а Савона е утешен со позицијата министер за ЕУ.

Како ќе реагираат финансиските пазари

Веќе во понеделник се очекува и реакцијата на финансиските пазари, кои беа многу вознемирени последните седмици со растењето на неизвесноста во поглед на формирањето на новата италијанска влада и нејзиниот однос со еврозоната, Инвеститорите ја оценуваат програмата на двата сојузника опасни за италијанскиот јавен буџет како што го предвидуваат прописите зададени од Брисел. Но многумина, исто така, стравуваа и од евентуалното повторно излегување на избирачките места следните месеци.

Колку долго ќе трае владата, дали Италија ќе ја напушти еврозоната, како ќе реагираат финансиските пазари, се прашањата коишто се наметнаа откако Лигата и М5Ѕ по десетдневни преговори пред две седмици на шефот на државата му го претставија заедничкиот кандидат. Со овој потег Ди Мајо и Салвини ја завршија 11-неделната политичка блокада.

Првото прашање коешто се поставува е дали Италија ќе ја напушти еврозоната? Двете партии жестоко го критикуваа еврото во минатото, па дури и на хартија во својата заедничка програма го ставија излегувањето од зоната на единствената европска валута. Меѓутоа, она што може да ги потсмири духовите во Брисел, е што ниту Лигата, ниту Движењето пет ѕвезди досега не се залагаа за еднострано истапување, односно за ситуација во којашто од еврозоната би излегла само Италија. Лигата смета дека еврото е „погрешен економски и социјален тест“. Се залага за низа реформи и координирано излегување од монетарната унија со другите земји.

Друго од почесто пројавуваните дилеми, и во контекстот на италијанските политички констелации со седумдесетина повоени влади, е дали оваа коалиција може долго да трае. Двајцата политички првенци, тврдат дека имаат намера да останат на власт пет години, односно полн мандат. Меѓутоа, нивното мнозинство не е сигурно изразено во бројот мандати, па ќе мора да вложуваат силни напори да ги држат заедно своите пратеници, дури и оние кои и во двата табора не гледаа благонаклоно кон оваа коалиција.

Се поставува и прашањето, кој ќе го има главниот збор во коалицијата. Зад Ди Мајо стојат 32-та процента што ги освои Движењето, додека Салвини има партиски 17 отсто. Меѓутоа, Салвини во својата партија има поцврсти позиции, и Лигата, поранешната Северна Лига коишто за последните избори излезе од тесните регионални рамки, е во подем според последните анкети, додека М5Ѕ каде што дојде до промени во раководството стагнира во двата последни изборни циклуса, откако се појави непосредно пред минатите парламентарни избори под водство на сатиричарот Бепе Грило. Влијанието на поранешниот премиер Силвио Берлускони, чијашто Напред Италија е сојузник на Лигата, е непознато во иднина. Берлускони, со кого Ди Мајо воопшто не сака да се сретне, прво по два месеца блокада се согласи на коалицијата, а откако таа беше и осуштествена со документ повикуваше да не го добие мандатот.

Претседателот Матарела, кој беше избран од парламентот со кој водеше левиот центар кој на последните избори доживеа вистинско фијаско, дискретно потсетуваше дека ќе има што да каже и кога станува збор за изборот на министрите, што веќе го покажа. Меѓутоа, шефот на Републиката, исто така, порача дека би можел да го врати во парламентот секој закон за кој трошокот за буџетот нема да биде компензиран. Повторно уште еден преседан со одобрување на Брисел. Матарела, кој ЕУ го доживува како гарант на италијанските меѓународни договори и обврски кон неа, изјави дека ќе биде многу внимателен кога станува збор за почитување на договорите, особено европските, како и за историското закотвување на Италија во НАТО.

Финансиските пазари, особено европските, несомнено ќе реагираат на драстичното скршнување во италијанската политика. Откако беше одбиена на референдумот во декември 2016 година уставната реформа на поранешниот премиер и челник на левиот центар Матео Ренци, во Италија владее несигурност и финансиските пазари на тоа се подготвени. Перспективата за можните нови избори веќе предизвика тензии. Од тој аспект, договорот меѓу Лигата и М5Ѕ беше прифатен со извесна доза на олеснување, меѓутоа претставувањето на заедничката владина програма предизвика треска. Разликата меѓу стапката на десетгодишно задолжување на Италија и Германија мина на крајот од минатата седмица 170-проценти поени, додека седум дена претходно изнесуваше 131.

 

Стабилноста на еврозоната е во прашање

Доколку во согласност со своите предизборни ветувања новата коалициска влада во Рим се одлучи за непочитување на обврските преземени од нивните претходници, во прашање со доведува стабилноста на европската монетарна унија.

Францускиот министер за финанси Бруно Ле Мари предупреди неодамна дека стабилноста на еврозоната сериозно ќе биде „доведена во прашање“ доколку владата на Италија не ги почитува обврските на земјата во поглед на јавниот долг и буџетскиот дефицит. „Доколку новата влада не ги почитува обврските околу долгот, дефицитот но и закрепнувањето на банките. Секој мора да разбере во Италија дека иднината на Италија е во Европа и никаде на друго место, а за таа иднина да биде во Европа, мора да се почитуваат правилата“, ќе ја доведе во опасност финансиската стабилноста на еврозоната“ предупреди Ле Мари.

Двете антиестаблишмент, или како што сега се нарекуваат во медиумите – антисистемски партии, меѓутоа, го претставија документот наречен „владин договор“ кој јасно претставува свртување грб на штедењето и „диктатите“ од Брисел. Програмата којашто ја предложија двете партии содржи повеќе мерки коишто изискуваат зголемено задолжување и раст на јавниот дефицит.

Европската комисија, имајќи го предвид веќе извесниот исход од преговорите меѓу Лигата и М5Ѕ, уште од поодамна предупредува дека новата италијанска влада „не смее да подлегнува на искушението на буџетско расипништво“ потсетувајќи дека Италија е една од најзадолжените во еврозоната.

„Европската комисија во принцип не се меша во националната политика. Но за нас е важно новата италијанска влада да го сочува сегашниот курс и да води одговорна буџетска политика. Италија има највисок јавен долг во еврозоната по Грција“, рече пред десетина дена потпретседателот на Комисијата задолжен за еврото, Валдис Донровскиск во интервјуто за германскиот дневен весник Handelsblatt. Тоа беше протолкувано како предупредување за новата италијанска влада за којашто последниот период расте цената на задолжувањето на финансиските пазари.

Но челникот на Лигата во неколку наврати ги отфрли ваквите предупредувања и забелешки од страна на европските партнери. Го нарече „неприфатливо“ размислувањето на Ле Мер во врска со неговата загриженост за стабилноста на еврозната. Идентично решително Салвини реагираше и на забелешката од Манфред Вебер, еден од челниците на партијата на германската канцеларка Ангела Меркел. „Тој нека се занимава со Германија, а ние ќе се занимаваме со она што е добро за Италијанците“, порача Салвини на социјалните мрежи, а што јасно се однесува и за сите слични предупредувања.