Италија ги спушти на земја “црвено – жолтите”

Македонската сенорска кошаркарска репрезентација во натпревар кој изобилуваше со борбеност и цврста загуби од Италија во вториот натпревар на турнирот Трофеј акедонија во Скопје со 63:56. Ова е прв пораз на избраниците на Александар Џикиќ во подготовките за Евро-квалификациите. Македонија својот последен меч на Трофеј Македонија го игра денеска од 20.00 часот против Црна Гора.

Високиот процент на реализација на шутот од далечина на Италија уште во првата четвртина, рано во натпреварот направи разлика во резултатот. Предводени од ѕвездата на Детроит Пистонс, Луиџи Датоме и Пјетро Арадори, кои погодуваа и од многу тешки позиции на теренот, Италијанците по првата четвртина веќе водеа со 26:12.

Нашите репрезентативци, како и на претходните натпревари, одиграа борбено и со срце, но недостасуваше реализација, особено од позициите за три поени. На полувреме се замина со 43:30 за Италија, додека тимот на Симоне Пјаниџани во првите 20 минути погоди 9 тројки од 13 обиди.

Продолжението од натпреварот не донесе ништо ново, Италијанците ја ја одржуваа предноста и заслужено стигнаа до победата.

Александар Костоски со 11 поени го заврши натпреварот како најпрецизен, а по 10 поени додадоа Ричард Хендрикс и Дамјан Стојановски. Покрај нив, уште седуммина играчи се запишаа во листата на стрелци, дополнувајќи ја сликата за нова тимска партија на Македонија. Нашите репрезентативци уште еднаш одлично се носеа со силниот противник во рекетите, а ги примораа Италијанците и на голем број загубени топки. Реализацијата од поле и шутот од далечина беа решавачки за конечниот исход, додека Италијанците имаа брилијантни први три четвртини, погодувајќи 11 тројки од 16 обиди за три поени.