Италија: Претседателот го брани еврото, победничките партии бараат негово отповикување и нови избори

Напорите за формирање на новата влада на Италија ги сопре во неделата претседателот Серцо Матарела кој одби да потврди евроскептик за министер за финансии, со што се отвора патот за уставна криза и можни нови парламентарни избори, додека поединечно најсилната политичка групација во парламентот предлага да се разгледа импичмент за шефот на државата откако тој практично стави вето на владата што му ја предложија антиестаблишмент и еввроскептичното Движење пет ѕвезди и крајно десната Лига.

Челниците на двете антисистемски партии кои по три месеца по изборите се обидоа да состават влада, го обвинија претседателот Серџо Матарела за кршење на Уставот и бараат нови избори што е поскоро можно. Покрај тоа, лидерот на Движењето пет ѕвезди (М5Ѕ), Луиџо ди Мајо, предложи во парламентот да се разгледа импичмент за претседателот на Италија.

Мандаторот за состав на новата влада, 54-годишниот универзитетски професор експерт по граѓанско и уставно право Џузепе Конте кој е инаку нов во политиката, се откажа од формирањето на владата откако шефот на државата практично стави вето и одби да го потврди 81-годишниот економист Паоло Савона, гласен критичар на еврото и на Европската унија, за клучното министерство за економија.

„Се согласив и ги прифатив сите именувања, освен она за министерството за економија. За тоа министерство барав политичка фигура со авторитет од коалициските партии, која не важи за некој кој би го преминал одредениот праг и би предизвикал излегување на Италија од еврозоната“, изјави Матарела.

Челниците на Лига, Матео Салвини, и на М5Ѕ, Луиџи Ди Мајо, гневно реагираа оценувајќи дека претседателот Серџо Матарела делувал надвор од овластувањата коишто му ги дозволува уставот. Ди Мајо го обвини Матарела за предавство на државата и порача дека треба да биде отповикан од должноста.

„Бевме на само неколку чекори од формирањето влада и запрени сме бидејќи во нашиот кабинет имаме министер кој е критичен кон ЕУ. Сакам оваа уставна криза да се префрли во парламентот“, порача Ди Мајо.

Неговото обвинување се однесува на членот 90 од Уставот на Италија, и рече дека пратениците треба да гласаат за „велепредавството или нападот врз уставот“ од страна на претседателот. Доколку релативно мнозинство гласа „за“, Уставниот суд би бил повикан да донесе одлука за неговото отповикување.

„Во демократијата, а сѐ уште сме во демократија, можеме да сториме само една работа: да им дозволиме на Италијанците да се изјаснат“, изјави лидерот на Лига, Салвини барајќи распишување нови избори.

Матарела изјави дека е упатен во барањето на политичките партии за одржување предвремени избори. Рече во неделата вечерта дека тоа барање ќе го разгледа во „следните неколку часови и потоа ќе реагира“.

Претседателот Матарела во понеделникот утрото се среќава со поранешниот функционер на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Карло Котирели, што се толкува како знак дека од него може да побара формирање технократска влада. Доколку не ја добие поддршката од парламентот, ќе остане да местото вршител на должноста премиер до изборите кои би се одржале во септември или октомври.

Инаку несудениот министер Савона има големо искуство во Италијанската народна банка, како и во владата како министер за индустрија во 1993/94 година и во лобистичката група Confindustria. Тој е голем критичар на еврото. Во својата прва изјава за јавноста рече дека сака „поинаква Европа, посилна но и поеднаква“.

На барањето за импичмент за Матарела се придружи десната партија Италијански браќа, а на страната на Матарела застанаа поранешните премиери, лидерот на десноцентристичката Напред Италија, Силвио Берлускони и Матео Ренци кој беше поранешен лидер на левоцентирстичката Демократска партија, чиј актуелен челник Маурисио Мартина, исто така, го поддржа шефот на државата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.