Италија се заканува со заплена на два брода на германски невладини организации

Италија во саботата се закани дека ќе заплени два брода на германски невладини организации со повеќе од 200 имигранти за да ја провери поврзаноста меѓу знамињата под кои пловат овие бродови и нивната национална припадност, пренесува AFP.

Спасувачкиот брод „Lifeline“, со 226 имигранти, плови под холандско знаме и побарал да пристане во италијанско пристаниште откако земал имигранти од два гумени чамци во меѓународните води крај брегот на Либија, а слична е и ситуацијата е со бродот „Seefuch“ на невладиното здружение „Sea-Eye“.

Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини прво одби да даде дозвола за пристанување во пристаниште и порача имигрантите да бидат однесени во Холандија, на што од Хаг порачаа дека немаат никаква поврзаност со бродот „Lifeline“ и соопшти дека бродот „не е регистриран во Холандија и оттаму не се одговорни за него“. Бродот, според холандските власти, „нелегитимно и илегално“ пловел под холандско знаме.

На тоа италијанскиот министер за сообраќај Данило Тонинели рече дека пред бродовите да бидат запленети важно е да се „спасат животите“. Тој предупреди дека бродот го прекршил меѓународното право земајќи ги имигрантите во моментот кога либиската крајбрежна стража тргнала во интервенција.

Холандското претставништво во ЕУ на Twitter порача дека бродовите „Lifeline“ и „Seafuchs“ воопшто не пловат под холандско знаме. „Тие бродови им припаѓаат на германски невладини организации и ги нема во поморскиот регистер на Холандија“, беше појаснето.

„Не сакам фантомски бродови во италијанските пристаништа. Доколку пристанат во Италија, ќе ги предадам на властите и ќе ги обвинам за помагање на илегалната имиграција“, порача Салвини.

Новата италијанска влада со својот однос кон имигрантската криза повторно ја доведе во фокусот на ЕУ. Италија од 2014 година примила 640.000 имигранти, а во моментов се грижи за 170.000 лица, главно од Африка.