Италија: Уапсен македонскиот „крал на местенките“

Италијанските медиуми денеска информираат дека на аеродромот во Бергамо бил уапсен Христијан Илиевски, македонскиот државјанин кој е осомничен дека е дел од групата која учествувала при местење на резултати на фудбалски натпревари во Италија.

Како што информираат италијанските медиуми, Илиевски сам им се предал на полицајците откако за него беше издадена потерница, а во наредниот период  се очекува да открие повеќе детали за целиот случај.

Според претпоставките, биле наместени натпревари во Серија А и Серија Б, а Илиевски и неговите помошници остварувале контакти со фудбалерите пред натпреварите со цел тие да добијат инструкции за тоа што треба да го направат, за што добивале надомест.

Италијанците издадоа меѓународна потерница за Илиевски пред четири години, а тој по апсењето веќе дал исказ пред обвинителот во Кремона каде се води случајот за спортска измама.

За  овој скандал во италијанскиот фудбал беше уапсен и капитенот на Лацио, Стефано Маури, како и Кристијано Дони и Бепе Сињори, а казна заработи и италијанскиот селектор Антонио Конте кој наводно имал информација за наместен натпревар на Сиена, а тоа не го пријавил кај надлежните.