Италија: За 48 часа спасени над 12.000 мигранти

Околу 2.100 мигранти се спасени денеска во централниот дел на Средоземното Море, соопшти италијанската крајбрежна стража, со што бројот на спасените мигранти за последните 48 часа достигна над 12.000 лица, пренесе МИА.

Во девет одделни операции биле спасени мигранти, кои се наоѓале во шест дрвени и три гумени чамци. Во спасувачките акции учествувале италијанските военоморски сили, граничната агенција на ЕУ – Фронтекс, военоморската мисија на ЕУ во Средоземно Море – Јунафор Мед“, организацијата Лекари без граници и хуманитарната организација МОАС.

Италијанската крајбрежна стража вчера координирала 43 спасувачки операции, спасувајќи околу 5.000 мигранти, а било откриено и едно женско тело.

Според податоците на Меѓународната организација за миграција, 222.318 мигранти оваа година пристигнале во Европа, меѓу кои 159.556 во Грција и 55.563 во Италија, а 2.861 лице загинале или се водат како исчезнати на пат преку Медитеранот.