Поради загадувањето во Италија забрането традиционалното печење пица

Градот во Италија привремено го забрани традиционалниот начин на печење пица, со цел да се намали загадувањето на воздухот, пренесуваат светските медиуми.

Со одлука на градоначалникот, во градот Сан Виталиана, што се наоѓа во близина на Наполи, забрането е користење на печки на дрва во пицериите и пекарите се додека нивните сопственици не постават посебни филтери за намалување на загадувањето.

Мерката е донесена поради влошениот квалитет на воздухот. Забраната ќе ја проверува полицијата, а тие што ќе ја прекршат може да платат глоба и до 1.000 евра.

picerija

Лошиот квалитет на воздухот е долгогодишен проблем за жителите на Сан Виталиана. Според локалниот весник Ил Матино, таму загадувањето е полошо отколку во Пекинг, а Неапол што се наоѓа во близина и што често е синоним за загаденост, во споредба со ова градче изгледа како „цветна градина“. Годинава во Сан Виталиано е забележана за 114 пати зголемена концентрација на штетни гасови во воздухот.

Сепак, според жителите, за ваквата состојба не се виновни пиците. Сопствениците на пицерии и граѓаните протестираа против одлуката.