Италијаните во Средоземното Море за два дена спасија 4000 имигранти, нови бродови пристигнуваат

Италијанската воена морнарица во последните 48 часа од морето спасија 4000 имигранти, соопшти денеска италијанското Министерство за внатрешни работи, со предупредување дека новите бродови и понатаму пристигнуваат.

„Ситуацијата е алармантна, бидејќи нови бродови со имигранти пристигнуваат.Во тек е спасување на два брода во кои има 300 и 360 странци. Според првичните информации, едно лице починало во еден од бродовите,“ се наведува во соопштението.

Од почетокот на годината во Италија се регистрирани 15 илјади странци.

Според извештајот на ОН во последните 20 години во обид да пребегнат во Европа, настрадале меѓу 17 и 20 илјади лица.

По две бродски несреќи кај островот Лампедуза во октомври 2013, кога настрадаа повеќе од 400 имигранти, Владата на Италија покрена голема акција „Mare Nostrum” ( Наше море) и ангажираше воени и други бродови и извиднички авиони за да се избегне нова трагедија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.