Италијанскиот премиер Ренци поднесе оставка

Италијанскиот премиер Матео Ренци вечерва поднесе оставка, соопшти кабинетот на италијанскиот претседател Серџо Матарела.

Во соопштението се наведува дека Ренци му ја предал оставката на Матарела, кој побарал од него да остане на чело на преодната влада додека траат консултациите со партиите.

Консултациите ќе започнат утре попладне и треба да завршат во сабота попладне. Потоа се очекува Матарела да му понуди на некој член од кабинетот на Ренци или политичар од неговата Демократска партија да се обиде да формира нова влада.

Ренци ја најави оставката денеска порано, непосредно откако италијанскиот Парламент го усвои буџетот за 2017 година. Тој одлучи да поднесе оставка откако во неделата Италијанците на референдум категорично го отфрлија неговиот предлог за уставни измени.

Парламентарните избори во Италија треба да се одржат во 2018 година, но голем број политичари бараа тие да се одржат порано.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.