Италијанскиот претседател ќе сведочи зад затворени врати

Италијанскиот претседател Џорџо Наполитано денеска ќе сведочи во рамки на судењето за наводни тајни преговори меѓу државата и мафијата во 90-тите години на минатиот век.

Како што соопшти МИА, предвидено е 89-годишниот претседател да сведочи зад затворени врати во претседателската палата.

Јавноста и опозициските партии бараа неговото сведочење да биде јавно и да се пренесува на телевизија.

Наполитано во октомври минатата година се обрати до судот во Палермо, наведувајќи дека не би можел ништо значајно да каже за случајот, но дека е подготвен да биде сведок ако тоа се побара од него.

Судскиот случај се однесува на наводни тајни преговори меѓу владини функционери и лидери на сицилијанската мафија на почетокот  на 90-тите години на минатиот век за избегнување истраги за низа убиства. Во тие напади се убиени судии и еден пратеник.

Обвинети се десет лица, меѓу кои и поранешниот министер за внатрешни работи Никола Мансино и шефот на мафијата Тото Рино, кој се наоѓа во затвор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.