Италијанскиот претседател сведок во процес против мафијата

За прв пат во историјата на италијанската република, претседателот ќе биде сведок во суд – Џорџо Наполитано ќе даде свој исказ за наводна соработка на државата со мафијата.

Процесот, во кој учествуваат четворица обвинители, се води зад затворени врати во дворецот „Квиринал“, резиденцијата на претседателот.

Инаку, процесот почнал во мај, 2013 година, и негова цел е да се утврди дали навистина во текот на 90-те години од минатиот век, постоеле тесни врски и соработка меѓу државата и мафијата.

Обвинението се повикува на докази од прислушувани разговори на Наполитано со поранешниот италијански министер за внатрешни работи, Николо Манчино, кој во случајот е еден од обвинетите. Заедно со него, обвинителството кривично го гони и бившиот прв човек на мафијата, Салваторе Тото Реина, кој моментно издржува доживотна затворска казна.

Осумдесет и деветгодишниот Наполитано за прв пат стана претседател на Италија во 2006 година, а беше реизбран на функцијата во 2013 година. Во периодот од 1996 до 1998 година, тој беше на чело на министерството за внатрешни работи. Прислушуваните разговори меѓу него и Манчино датираат токму од тој период. Претходно, Уставниот суд утврди дека шефот на државата може да сведочи во процесот, но „без без да се нарушува балансот на интересите на власта“, т.е. без на Наполитано да му бидат поднесувани обвиненија.

Во текот на 90-те години од минатиот век, мефијата во Италија се обиде да си извојува привилегиран статус во државата, и тоа со поткупи и со закани за убиства на високи државни функционери. Како доказ за ова се наведува дека во тој период биле ослободени од затвор околу 300 припадници на мафијата без да има законски основи за тоа.

Обвинителството сега се надева дека процесот ќе дозволи и да биде расчистено убиството на легендарните судии Џовани Фалконе и Паоло Борселино, кои водеа обемни истраги против мафијата, но на крајот станаа нејзини жртви во 1992 година.