Италијанските научници тврдат: Охридското Езеро е најстаро во Европа

Откако потврдија германските научници, денеска и нивните италијански колеги изјавија дека Охридското Езеро е најстаро во Европа.

Албанската телевизија Топ ченел, јави за спектакуларно откритие, како што го нарече, на група италијански научници, со кое се тврди дека Охридското Езеро е најстаро езеро во Европа.

– Првичните резултати се дека по првпат имаме приближно точен податок за староста на ова езеро, дека истото е најстаро во Европа. Првичните податоци ни дозволуваат да бидеме многу сигурни во тоа дека Охридското Езеро е постаро од милион години и ова е многу значајно откритие од биолошки и геолошки аспект, вели проф. Ѓовани Занчета од Универзитетот во Пиза. Професорот Занчета е раководител на групата и познат експерт за гео-киматско-вулкански појави.

Во јануари годинава, пак, експертот Бернд Вагнер, кој беше дел од експедицијата составена од експерти по геологија и минерологија од Универзитетот во Келн, меѓу другото изјави дека се работи за најстарото езеро на континентот, старо повеќе од милион години.

Тој ова го изјави за весникот „Келн штадт унзајгер“, во напис насловен „Детективот на најстарото езеро во Европа“, посветен на Охридското Езеро и на истражувањата што минатата година беа спроведени во рамки на проектот за утврдување на неговата старост и климатските промени низ времето.

Исто така, тој наведува дека Охридското Езеро меѓу другото е посебно поради постоењето над 200 животински и растителни видови, ендемски видови, кои ги има само во тоа езеро и никаде на друго место во светот.