Италијанските партии од десниот центар големи победници на изборите за градоначалници

Италијанските партии од десниот центар се големите победници од изборите за градоначалници кои се одржаа во неделата, покажаа прелиминарните резултати од гласањето објавени во понеделникот.

Северниот пристанишен град Џенова, кој досега беше традиционално упориште на левицата, многу веројатно ќе премине во рацете на десниот центар првпат по повеќе од половина век.

Кандидатот, кој ја има поддршката на антидиселеничката Северна лига и партијата Напред Италија на поранешниот премиер Сивлио Берслускони, ќе добие околу 54 отсто од гласовите, наспроти 46 отсто колку ќе добие кандидатот кој го поддржува владејачката на национално ниво Демократска партија од левиот центар, покажуваат конечните проекции засновани на досега преброените гласови.

Овие избори претставуваат назадување на челниците на Демократската партија и на поранешниот премиер Матео Ренци, кој се реши да остане во заднината на кампањата по внатрешните поделби во неговата партија, на чие чело повторно беше избран.

Гласачите во повеќе од стотина италијански градови во неделата ги избираа своите градоначалници на изборите за коишто се очекуваше дека ќе ја зацврстат позицијата на партиите од десниот центар пред парламентарните избори кои се одржуваат за помалку од една година.

Околу 4,3 милиони гласачи се вратија на избирачките места во своите родни места која по првиот изборен круг од 11 јуни не добија водство, бидејќи ниеден од кандидатите не освои повеќе од 50 отсто од гласовите.

Иако гласањето во неделата беше последното пред општите избори, поради локалните фактори, тоа сепак не може да ја даде вистинската слика за популарноста на партиите на национално ниво. На пример, антиестаблишмент движењето Пет ѕвезди во вториот круг мина во само еден од 25 градови, но според многуте анкети тоа е најпопуларната политичка сила на државно ниво.

Сепак, неделните избори може да делуваат како повик за обединување на партиите од десниот центар кои се спротиставени на ниво на Италија Нивните резултати од првиот изборен круг укажуваат дека би можеле да станат важен фактор на општите избори, доколку се обединат под еден челник.

Според процените, околу 10 покраински престолнини кои ги контролираше левиот центар ќе минат во рацете на десниот центар.

Џенова е последната во низата неодамнешни порази кои ги претрпе Демократската партија во своите традиционални упоришта. Мината година ги загуби Торино, третиот по големина град во Италија, и престолнината Рим кој го освои движењето Пет ѕвезди.

По делумното преброените гласови, десниот центар, исто така, води во северните градови, Верона, Комо, Пјаченца, Монца и Пистој и Катанцаро на југот. Се чини, исто така, дека ќе однесе победа и во централниот град Аквила.

Првиот во историјата избран градоначалник од Пет ѕвезди, кој победи во 2012 година, води во Парма каде што се кандидираше како независен кандидат по судирот со раководството на движењето.