Балкан

Итна средба на Коѕијас со Ципрас

Итна средба на Коѕијас со Ципрас

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас вонредно и претходно непланирано се наоѓа во премиерската палата на средба со Алексис Ципрас, објавија дел од грчките медиуми.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, информацијата за средбата на Ципрас и Коѕијас не е официјално потврдена, но во новинарските кругови во Грција, интензивно се споменува дека од претпладнето министерот за надворешни работи е во премиерската палата.

Оваа средба, грчките медиуми и новинарите ја поврзуваат со телефонскиот разговор меѓу премиерите Ципрас и Заев и коментираат, повикувајќи се на свои извори и на информациите во македонските медиуми, дека овој разговор би можел да се случи во текот на денешниот ден.

Коментарите во Грција се дека временскиот период за телефонскиот разговор се стеснува, со оглед на тоа што шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас на 13 и 14 јуни ќе биде во Москва на средби со неговиот руски колега Сергеј Лавров, а во истиот период македонскиот премиер Зоран Заев заминува за Франкфурт.

Во четврток, пак, на дневен ред во Грција е гласањето во Парламентот на новиот нацрт закон што се однесува на среднорочната рамка за финансиската стратегија за периодот 2019-2022.