Итната помош имала 65 интервенции на терен, во болниците примени повредени лица

Од Итната медицинска помош информираат дека во текот на ноќта и изутрината имале 65 интервенции на терен во скопскиот регион од кои кај 12 била констатирана смрт.

На повредените им била укажана здравствена помош на самото место,  а 25 биле транспортирани во здравствени установи.

Од Ургентниот центар-Скопје потврдија дека кај нив здравствена заштита побарале 11 лица, а едно дете било донесено починато и кај него лекарите контатирале смрт.

Од 11-те лица, три се пуштени дома, тројца се хоспитализирани, а петмина се уште се дијагностицираат, пренесува МИА.

Од Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ информираат дека 15 граѓани побарале здравствена заштита, од кои три се примени во болницата поради исчашувања на екстремитети и исеченици кои ги добиле во невремето, а останатите по укажаната здравствена помош биле пуштени дома.

Од Градската општа болница „8 Септември“ потврдија дека биле прегледани 24 лица кои имале полесни телесни повреди (контузии и исеченици), и по укажаната лекарска помош се пуштени дома.