Иванов: Ако Заев е чист, сега има начин да ја докаже својата невиност

Заев, освен од мене, е помилуван и од претходен претседател. Ред е тој сам да поднесе барање за повлекување на тоа помилување. Заев неколку пати јавно изјави дека ако има законска основа, тогаш тој ќе побара повлекување и за тоа помилување. Сега таква законска можност постои. Но, тој очигледно ја замајува јавноста и не собира храброст за такво нешто. Со самото тоа тој признава дека случајот „Глобал“ е криминален случај. Ако тој е како што вели чист и целиот случај е политички притисок врз него, еве сега има начин да ја докаже својата невиност. Му треба само малку храброст да го напише тоа на лист хартија, да го потпише и да го достави како официјално барање. Доколку не го стори тоа, признава дека сите обвинувања против него се основани и за тоа треба да си преземе одговорност.

Ова го истакнува претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во интервјуто во Дневник одговарајќи на прашање поврзано со аболицијата на лидерот на СДСМ Зоран Заев за случајот „Глобал“ и можноста за нејзиното повлекување.

Тој вели дека уште во првото обраќање за помилувањата рекол дека сите што сметаат оти на некој начин со овој чин сум ги навредил или сторена е неправда кон нив, можат лично да побараат да се најде правен начин за повлекување на нивното помилување и тие на суд да си ја докажуваат нивната невиност.

-Kога се јавија неколку од помилуваните, имав над 20 средби со врвни правници за да се излезе во пресрет на сите што тоа го побараа. Сите консултирани експерти укажаа дека единствен начин да се оствари таква можност е преку измени на Законот за помилувањето. Тоа им беше соопштено на претставниците на партиите и тие ја иницираа постапката за измени на Законот за помилувањето. Kога се донесоа законските измени, го направив првото повлекување за оние што беа најпрозвани, а за другите очекував дека сами ќе достават барања бидејќи тоа и јавно го бараа од мене. Им оставив доволно време во законски утврдениот рок да достават барање. Kога видов дека никој не доставува такво барање, ги повлеков помилувањата и за преостанатите, објаснува претседателот.