Иванов – Алијев: Одличните политички односи да ги материјализираме со економска соработка

 Одличните политички односи треба да се материјализираат со економска соработка, е заклучокот од денешната средба во Баку на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов со претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алијев,пренесува МИА.

Двајцата претседатели разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, оценувајќи дека на 20-годишнината од нивното воспоставување се базираат на меѓусебно разбирање, пријателство и заеднички интерес за нивно натамошно проширување и продлабочување.

Заемна констатација беше дека одличните политички односи треба да се материјализираат со економска соработка и јакнење на трговската размена меѓу двете земји, како и иницирање на директни азербејџански инвестиции во македонското стопанство.

Во таа насока претседателот Алијев ја прифати поканата од претседателот Иванов за официјална посета на Република Македонија во наредниот период, а договорено беше надлежните институции како и бизнис заедниците на двете земји да ги продолжат и да ги интензивираат контактите.

Азербејџанскиот претседател го информираше претседателот Иванов за енергетските и гасоводни проекти, кои се во фаза на реализација и кои се планирани во Каспискиот регион (Тап и Танап), и притоа беше договорено во најскоро време да отпочнат консултации на таа тема. На средбата беше разговарано и за можни инвестиции во земјоделството и инфраструктурата, и за натамошна соработка на мултилатерален план, а беа разменети информации и за актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа и на Каспискиот регион.‎

Претседателот Алијев упати честитка за реформите и резултатите кои Република Македонија ги постигнува во економијата и бизнис климата. Претседателот Иванов ја прифати поканата од претседателот Алијев за учество на отворањето на Европските игри во Баку во 2015-та година.

Во рамки на работната посета на Азербејџан, претседателот Иванов се обрати на отворањето на 3. Глобален форум во Баку, упатувајќи ја пораката дека последиците од одлагањето на проширувањето ги трпи целиот Балкан.

Говорејќи за политиката на проширување на Европската унија, македонскиот претседател констатираше дека наместо влез на целиот Балкан во ЕУ, што беше ветување на самитот во Солун пред една деценија, има стагнација во проширувањето.

– Веќе 10 години Република Македонија се наоѓа во чекалната на Европската унија, не затоа што не ги исполнува условите за почеток на преговорите, туку поради блокадите на јужниот сосед, рече претседателот Иванов во обраќањето.

Но, како што додаде, Македонија не е единствената што ги трпи последиците од одлагањето на проширувањето. – Косово се соочува со масовни миграции, додека Босна и Херцеговина со нестабилност, рече Иванов.

Според македонскиот претседател, европската политика кон соседството е сериозно разнишана.

– Наместо очекувањата дека Источното партнерство ќе им помогне на партнерите да достигнат просперитет и да се приближат кон европските стандарди, денес имаме нов вооружен конфликт во Европа и состојба што нè потсетува на Студената војна. Наместо зацртаните цели на Евромедитеранската унија за Медитеранот како простор на мир, демократија, соработка и просперитет, се случи Арапската пролет што ја втурна Северна Африка во нестабилност. Јасно ни е дека Европската унија сè уште го бара своето вистинско место во меѓународниот поредок. Поради бавниот процес на носење одлуки и недостатокот од кохерентност, заедничката надворешна и безбедносна политика сè уште не го положи тестот на времето, рече претседателот Иванов.

Одлагајќи го проширувањето, како што посочи македонскиот претседател, Европската унија како да ни ја одлага надежта. – Одлагајќи ни ја надежта, Унијата нè демотивира и создава фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи. Како резултат на сето тоа, сега сме блокирани и поради последиците од наметнатата блокада, потенцираше македонскиот претседател.

Осврнувајќи се на глобалните закани, економската криза и демографските предизвици со коишто се соочува унијата, претседателот Иванов порача дека македонскиот модел на интеграција може да послужи како пример за ЕУ.

– Секоја европска држава сè повеќе ќе биде мултиетничка, мултијазична и мултирелигиска. Затоа, неопходен е одржлив модел на интегрирање на бројните имигранти. Можеби, во сегашноста на мултиетничка, мултијазична и мултирелигиска Македонија се наѕира иднината на Европа, рече претседателот Иванов на отворањето на 3. Глобален форум во Баку.

Во фокусот на 3. Глобален форум во Баку, што е во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“, Мадридскиот клуб и Азербејџанскиот државен комитет за работа со дијаспора е градењето доверба во новиот светски поредок. Најавено е учество на над 100 претставници од околу 60 земји во светот и десетици меѓународни организации, како и голем број поранешни претседатели и премиери од целиот свет.