Иванов: Аманетот на Мајка Тереза е да го чуваме македонскиот модел на соживот

Мајка Тереза им служеше на сите оние кои страдаат, им даваше надеж на безнадежните и сила на исцрпените. Таа вдоми илјадници сираци и усреќи илјадници семејства. Со Редот на милосрдието, Мајка Тереза спаси милиони животи и ја врати свеста за вредноста на човечкиот живот за неотуѓивото човечко достоинство. И постојано потсетуваше дека светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов, за признавање, за почитување. Со сето тоа, Мајка Тереза си изгради жив споменик, потраен и повеличествен од сите наши споменици.

Ова го истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на денешната понтификална миса – централен настан организиран во рамки на татковинската прослава по повод прогласувањето на Мајка Тереза за Светица.

Осврнувајќи се на животниот пат и делата на Мајка Тереза, претседателот Иванов рече дека единствениот вистински начин да ја покажеме нашата почит кон неа е да живееме заедно со сите наши најдлабоки верски, етнички и идеолошки разлики.

– Наместо да се истоштуваме во политички битки за докажување на нејзиното потекло и присвојување на нејзиното име, Мајка Тереза би нè упатила да се угледаме на нејзиниот пример. Да правиме мали добри дела со голема љубов. А за тоа не мора да одиме на крајот од светот бидејќи, како што таа велеше, почитта и љубовта започнуваат во нашиот дом, во нашето маало, во нашиот град, во нашата држава Македонија. Гледајќи нè политички разединети и поделени, би побарала од нас да не се делиме и караме, туку да си простиме, да се помириме и да се почитуваме, нагласи Иванов.

миса мајка тереза

Според Иванов, нејзината канонизација била можност за таков чекор и лидерите на двете најголеми партии од македонскиот блок ја прифатиле поканата и биле на канонизацијата во Ватикан, но за жал, лидерите на двете најголеми партии од албанскиот блок не успеале да се издигнат над дневнополитичките тензии и недоразбирања.

– Гледајќи колку лесно крстот и полумесечината, црквата и џамијата ги претвораме во граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии, би нè потсетила дека верата е љубов во акција. Дека не смееме само на име да се нарекуваме верници, туку дека мора да помагаме, се додека не нè заболи. Затоа што вистинската љубов боли. Би нè охрабрила да го чуваме највредното нешто што го имаме, највредното што и таа го понесе со себе во Индија, а тоа е нашиот македонски модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Затоа што само така ќе научиме да живееме заедно со сите наши најдлабоки верски, етнички и идеолошки разлики, рече Иванов.

Тоа, додаде македонскиот претседател, се вредностите што денес ни се повеќе од неопходни во Македонија. Тоа е аманетот што ни го остави Мајка Тереза, светицата од Скопје, светицата на светот. Верувам, додаде тој, дека единствениот вистински начин да ја покажеме нашата почит кон неа е ако го исполнуваме овој нејзин завет.

миса мајка тереза

Светата понтификална миса што се одржа на плоштадот „Македонија“ ја предводеше специјалниот папски кардинал, сараевскиот надбискуп, кардиналот Винко Пулиќ.

– Гордејте се со Светата мајка. Вие, верниците кога ќе ви падне духот и ќе се најдете во опасност да ја изгубите надежта, инспирирајте се од оваа прекрасна мајка, која со своето застапништво ќе ви помогне. Мајките кои го изгубиле мајчинството, вратете го преку почитувањето на оваа света мајка, а Вие кои се плашите од животот, учете од оваа света мајка колкава е силата во верата. Не го заборавајте овој ден и овој настан, порача Пулиќ.

Скопскиот бискуп и апостолски егзарх Киро Стојанов ја прогласи капелата во спомен куќата на Мајка Тереза за светилиште на Света Мајка Тереза.

Светата миса ја следеа голем број верници, претставници на Католичката црква и на другите верски заедници, домашни и странски делегации.

По повод прогласувањето на Мајка Тереза за Светица од страна на Ватикан, во текот на изминатите седум дена во Македонија се одржаа низа настани во рамки на татковинската прослава. Во спомен куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје беа врачени статуетки со ликот на Светата Мајка Тереза и благодарници на хумани личности и организации кои во изминатиот период се докажале во областа на хуманизамот, помагањето и намалувањето на човековите страдања. Македонската академија на науките и уметностите организираше свечена академија за ликот и делото на Светицата Мајка Тереза, а вчера беше отворена и изложбата „Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија за Света Мајка Тереза“.

Агнеза Гонџа Бојаџиу позната како Мајка Тереза на 4 септември на плоштадот „Св. Петар“ во Ватикан беше прогласена за Светица од страна на поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск.

Мајка Тереза почина во 1997 година во Калкута, Индија. Родена е во Скопје на 26 август 1910 година како Агнес Гонџа Бојаџиу. Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.