Иванов: Атина ни го попречува правото на просперитет

Меѓу бројните предизвици, еден постојано ни се наметнува и ни ја попречува иднината – проблемот што официјална Атина го има со нашето име, истакна претседателот Ѓорге Иванов во неговото годишно обраќање во Собранието кое воедно и последно во неговиот мандат.

Иванов во обраќањето вели дека тој секогаш истакнува дека Македонија е подготвена за заемно прифатливно решение кое ќе биде во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите Нации.

„Прашањето за идентитетот не е дел од рамката. Идентитетот не се регулира со акт запишан на парче хартија. Идентитетот не може да се купи, украде или фалсификува. Постојано истакнувам дека нема да дозволиме промена на кој и да било аспект на нашиот идентитет“, рече Иванов пред пратениците.

Прашањето за името, Иванов го нагласи како основна пречка на евроинтеграцискиот процес на Македонија велејќи дека постојано ни се испречува ултиматумот од нашиот јужен сосед, не само за името на државата, туки и за идентитетот на македонските граѓани.

„Блокирајќи ја нашата интеграција во НАТО и во Европската унија, Атина ни го попречува правото на просперитет. Пропуштивме многу можности и изгубивме многу енергија обидувајќи се да излеземе од лавиринтот во кој бевме втурнати. Немаме намера на идните генерации во наследство да им оставиме ваков проблем. Проблем во кој се најдовме поради отсуство на волја за добрососедство кај дел од политичкото раководство на Атина. Веќе 22 години светот ја слуша невистината дека името Република Македонија имплицира територијални претензии кон јужниот сосед. И веќе 22 години Република Македонија на дело ја побива таа невистина. Никој веќе не верува во таа бесмислица. Нашите општества и економии одлично живеат и соработуваат, со што ги демантираат сите обвинувања и квалификации на дел од политичката елита на соседот“, нагласи претседателот Иванов.

Иванов смета дека дојдено е време Македонија да ја ефектуира пресудата на Меѓународниот суд за правадата во Хаг.

„Пресудата може да ја игнорираат, но не може да ја негираат. Таа е тука, и чека да биде испочитувана. Но, не може да чека до бескрај. Создадени се услови да се побара од генералниот секретар на Обединетите нации, во согласност со неговите надлежности, да поднесе извештај до Советот за безбедност на Обединетите нации за состојбата во која се наоѓаат разговорите што ги води медијаторот Нимиц. Создадени се услови да се побара од Советот за безбедност ефектуирање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата“, вели Иванов.

Претседателот истакнува дека непочитувањето на меѓународно преземените обврски ја доведува во прашање кредибилноста на официјална Атина во спорот што ни го наметна.