Иванов бара од лидерите поскоро решавање на политичката криза

Иванов бара од лидерите поскоро решавање на политичката криза

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на отворањето на 2. Меѓународен научен собир „Македонско-словачки книжевни, културни и духовни врски”, што се одржа во МАНУ истакна дека македонските лидери мора да ги срушат менталните ѕидови, да ги затрупаат менталните ровови и што поскоро, преку дијалог, да дојдат до решение со кое ќе се надмине политичката криза. Иванов бара од лидерите поскоро решавање на политичката криза.

Во своето обраќање претседателот Иванов констатираше дека наместо исполнување на солунската агенда и интеграција на целиот Балкан, Европската унија се соочува со последиците на светската економска криза и со проблемот со бегалците, што, како што рече, придонело нецели 30 години по падот на Берлинскиот ѕид, Европа да почне да гради нови ѕидови.

„Затворајќи се сама во себе и претворајќи се во тврдина, Европа како да си ги поткопува сопствените темели. Ниту една држава, па дури ни Република Македонија, не е имуна на овие процеси. Ветувањето од Солун не само што не е исполнето, туку и политиката на проширување се соочува со стагнација. Цели 10 години, Република Македонија не е на агендата за проширување на Европскиот совет поради блокадата од јужниот сосед. Блокадата доведе до тоа за само шест години да имаме три политички кризи, секоја посериозна од претходната”, рече претседателот Иванов.

„Иако во Република Македонија нема физички ѕидови, за жал, има ментални ѕидови и ровови во кои секојдневно се води политичката битка. Македонските граѓани со вознемиреност гледаат како со секоја наредна политичка криза менталните ѕидови се надградуваат, а политичките ровови се продлабочуваат. А од високите ѕидови и од длабоките ровови сè потешко е да се види човечкото лице на политичкиот противник”, рече македонскиот претседател.

Одговорноста не е само на Унијата, подвлече претседателот Иванов, туку и на секоја земја-членка и на секоја земја-кандидат за членство, вклучително и  Македонија.

„Како што европското лидерство треба храбро да го отвори просторот и да ја интегрира цела Европа во Европската унија, така и македонските лидери мора да ги срушат менталните ѕидови и да ги затрупаат менталните ровови. Во вакви сложени услови, лидерите на политичките партии во Република Македонија мора што поскоро, преку дијалог, да дојдат до решение со кое ќе се надмине оваа политичка криза”, рече претседателот Иванов во обраќањето на отворањето на 2. Меѓународен научен собир „Македонско-словачки книжевни, културни и духовни врски”.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.