Иванов: Цел ни е да се отвораат нови работни места!

На денешниот митинг во Лоззово, претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов потенцираше дека државниот врв и државните институции ќе продолжат да привлекуваат нови странски инвестиции во Македонија.

„Каде и да одам, се трудам да обезбедам услови за подобар, поквалитетен живот на сите граѓани на Македонија. Државата работи навистина посветено и ги исполнува ветувањата. Се гради и пречистителна станица за вода за пиење, се прават и поправаат селските улици низ општината. Веќе е доделена лиценца за аптека тука, кај вас, во Лозово. Отворено е училиште во Далибеговци, фудбалско игралиште “Парменион“ во Лозово и повеќенаменско маалско игралиште во Малино. До сега се отворени 120.000 работни места во Македонија. Цел ни е да се отвораат уште повеќе нови работни места, за луѓето да работат, да заработуваат и да си ја планираат иднината на децата“.

Иванов вети дека ќе продолжи да дава поддршка на институциите, општините и стопанството за создавање нови работни места.

„Ќе ги поддржувам иницијативите и проектите за вработување на младите и самовработување. Во Лозово веќе се спроведуваат и активни мерки за вработување, едукација за отпочнување бизнис, за јазици и компјутери, обуки кај работодавачи… Ја бараме вашата поддршка за да продолжиме да работиме на развој на земјоделството, сточарството, инфраструктурата. Македонија да ја правиме подобро место за сите“.