Иванов-Чичек: Турција секогаш ќе и биде пријател на Македонија

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими Претседателот на Големото Национално Собрание на Република Турција, Џемил Чичек.

На средбата двајцата соговорници изразија задоволство од одличните односи и континуираниот нагорен тренд во соработката меѓу Република Македонија и Република Турција на сите нивоа.

Поздравувајќи ја досегашната парламентарна соработка, претседателот Иванов изрази надеж дека и во наредниот период парламентарната соработка ќе даде свој придонес во натамошното јакнење на односите и збогатувањето на соработката.

Претседателот Иванов изрази благодарност за принципиелната поддршка од Република Турција за членство на Република Македонија во НАТО.

-Високо го вреднуваме фактот што Република Турција е долгогодишен и гласен поддржувач и промотор на стратешките цели на Република Македонија, рече претседателот Иванов на средбата.

Двајцата соговорници ја поздравија економската соработка која бележи нагорен тренд, со очекување за нејзино интензивирање. На средбата беше разговарано и за интензивирање на соработката во сферата на одбраната и безбедноста, културата, образованието, како и на мултилатерален план.

Претседателот Иванов изрази очекување за зајакната соработка во рамките на Алијансата на цивилизациите, имајќи предвид дека Република Турција е еден од основачите на оваа иницијатива во Обединетите Нации.

Претседателот на Големото Национално Собрание на Република Турција, г. Чичек, нагласи дека Република Македонија е важен партнер на Република Турција и дека, како и досега, Република Македонија може да смета на поддршка од Анкара.

На средбата беа разменети мислења и информации и за регионалните состојби.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.