Иванов – Црнадак: Поинтензивна политичка и економска соработка

Претседателот Ѓорѓе Иванов денес оствари средба со босанскиот министер за надворешни работи, Игор Црнадак, кој престојува во официјална посета на земјава.

На средбата беше разговарано за традиционално добрите билатерални односи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, за регионалната соработка и иницијативи, како и за европските и евроатлантските интеграции на двете земји.

Претседателот Иванов и министерот Црнадак изразија заеднички интерес за јакнење и продлабочување на билатерална соработка, која се одвива успешно и без отворени прашања. Во тој контекст, претседателот Иванов, истакна дека е потребно динамизирање на политичкиот дијалог меѓу двете земји, и оттука, посетата на министерот Црнадак, претставува конкретна потврда на заемните заложби во таа насока.

Во однос на економската соработка, соговорниците констатираа дека заостанува зад политичката соработка и не кореспондира со објективните можности и капацитети на двете економии, и притоа, изразија заемен интерес за нејзино натамошно интензивирање и продлабочување.

Претседателот Иванов и министерот Црнадак се согласија дека ЕУ и НАТО интеграцијата на државите од Западен Балкан, се потребни не само заради зголемена соработка во сите сфери од интерес на државите од регионот, туку и заради силната поддршка која ја имаат во реформските процеси во нашите општества, и затоа мора да се забрзаат. Република Македонија, истакна претседателот Иванов, е подготвена за поблиска соработка меѓу двете земји во контекст на ЕУ пристапниот процес.

На средбата беа разменети мислења и информации во врска со моменталните предизвици поврзани со мигрантската криза.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.