Иванов: Да го надминеме погубниот синдром на сервилност

Во своето годишно обраќање пред пратениците, претседателот Ѓорѓе Иванов истакна дека главен приоритет за 2016-та е да имаме функционална држава што го одржува јавниот ред и мир, што се грижи за безбедноста и за одбраната, и создава услови за владеење на правото.

– Функционалната држава е гаранција за слободата, демократијата и економскиот просперитет. Затоа, од сите овие кризи и закани неопходно е да излеземе како држава во која институциите не создаваат, туку ги решаваат проблемите на граѓаните, рече Иванов.

Посочи дека преку Народните канцеларии годишно добива стотици писма од граѓани во кои го искажуваат нивниот револт и незадоволство поради неодговорното однесување на политичките лидери.

– Граѓаните се револтирани затоа што се дозволи други да се грижат за нас повеќе од самите нас. Револтирани се што наместо во институциите на државата, трчаме во амбасадите на странските држави. Идната година прославуваме четврт век од независноста и сувереноста, а дозволуваме некој друг да ни го моделира политичкиот и правниот систем.  Крајно време е да го надминеме овој погубен синдром на сервилност. Да престанеме да се однесуваме како гости во сопствениот дом. Државиот интерес мора да биде приоритет на секој еден од нас. И на партиите, и на институциите, и на цивилното општество, и на медиумите, порача шефот на државата.

Демократијата, правдата и слободата, наведе Иванов, не се освоени еднаш засекогаш, а во светот во кој милиони се без сопствен дом и без сопствена држава, ние сме навистина среќни и привилегирани.

– Но, со правата следува и одговорноста. Идната година ќе биде тест на кој треба да покажеме што сме научиле во изминатиот четврт век независност и демократија. Ве повикувам, по изборите, на 25-годишнината од независноста, да постигнеме обединување околу клучните стратегиски цели на државата. По изборите, едногласно да ги обновиме заветот и посветеноста кон европската и евроатлантската интеграција. Едногласно да ги обновиме декларациите за членство во Европската унија и во НАТО, нагласи Иванов.

Додаде дека валидноста на тие декларации нема да зависи само од тоа кој гласал за нив, туку валидноста ќе зависи од самите избори. Бидејќи изборите, според него, ќе бидат најгласната декларација, најгласниот референдум за тоа каде сака да оди оваа држава.

– И притоа, не е само важно кој ќе биде избран во ова Собрание, и кој ќе ја избере Владата, туку и како тоа ќе се спроведе. Бидејќи, граѓаните на избори не кажуваат само кој да владее, туку и како да се владее. На овие избори, ние немаме право на грешка. Кога велам ние, мислам и на политичките партии, и на власта, и на опозицијата, и на медиумите, и на цивилното општество, и на институциите на државата. Ќе се следи секој чекор, ќе се одмерува секој збор. Мораме да се однесуваме одговорно и достоинствено. Но, не заради меѓународната заедница, заради Брисел и Европската унија, туку заради нашите граѓани, укажа македонскиот претседател.

Посочи дека граѓаните бараат три нешта: слобода, сигурност и надеж. Правна, економска, општа сигурност, како гаранција за слободата и економскиот просперитет. Но, за да се обезбеди сето тоа, нагласи Иванов, неопходна ни е сувереност, безбедност и државност, што може да се постигне само со единство.

– Тоа не е единство што лебди во воздух, туку единство околу државните интереси. Како тогаш, така и денес, повторно гледам зрак на надеж. Таа моја надеж не лебди во воздух, туку е втемелена врз цврсти основи. Се темели врз дијалогот што конечно почна да се одвива таму каде што му е местото, и каде постојано повикував – во институциите на државата, во Собранието на Република Македонија. Се темели и врз зачетокот на чувството за државност и државен интерес кај учесниците во политичкиот процес. Врз соработката меѓу власта и опозицијата околу државните прашања во Советот за безбедност, рече Иванов.

Надеж, како што посочи, му влева пожртвуваноста на нашите херои во Куманово и посветеноста на војниците кои ја чуваат границата и слободата, но, и сограѓаните од мултиетничко Куманово кои решително му се спротивставија на екстремизмот.

– Надеж ми влева македонскиот модел на соживот и почитување на различноста, изразен во Крушевскиот манифест, АСНОМ-ските декларации, но и во Охридскиот договор вграден во Уставот на Република Македонија. Надеж ми влева сплотеноста меѓу граѓаните на Скопје и Тетово против загадениот воздух, независно од нивната етничка и верска припадност. Надеж ми влеваат младите кои бараат подобро образование и подобра иднина тука, во Македонија. Надеж ми влева солидарноста кон нашите сограѓани во подрачјата што беа зафатени со природни непогоди, но и сè поголемата свест за лицата со посебни потреби. Надеж ми влеваат Црвениот крст, сите хумани граѓани кои споделија вода и храна со стотиците илјади бездомни мигранти и бегалци кои минаа низ нашиот дом. Надеж ми влева секој успешен студент, научник, спортист, уметник, претприемач, секоја нова инвестиција и секое ново работно место. Тоа е надежта за Македонија, порача Иванов.

Според него, тоа нема да се постигне лесно. Напротив, ни претстои тешка година, светските текови нема да нè заобиколат и затоа треба да бидеме максимално подготвени и со внимание да ги следиме случувањата во регионот и во Европа.

– Но, за да го постигнеме тоа, мора да бидеме одговорни. Секој, а посебно носителите на политички и јавни функции, мора да се однесува одговорно. Секој да се соочи со својата одговорност. Минуваме низ три кризи, кои се истовремено и три можности да излеземе посилни и посплотени, а не послаби и разединети. Затоа, сега не е време за обвинување, туку за обединување. Не е време за тесно-партиско препукување, туку за одговорно однесување. Да изградиме култура на политички дијалог, преку кој се гради единство околу државните интереси. Сите ние, и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, и Роми, и Власи, и Бошњаци, и христијани, и муслимани, и Евреи, и атеисти… Само така ќе излеземе од маѓепсаниот круг на кризите, и само така ќе престанеме веќе еднаш да ги повторуваме грешките. Верувам дека одговорни, сплотени и подготвени можеме да се соочиме со сè што ќе ни донесе неизвесната иднина, истакна претседателот Иванов во годишното обраќање пред Собранието на Република Македонија.

На обраќањето на претседателот Иванов во Собранието присуствуваа премиерот и членови на Владата, началникот на ГШ на АРМ, претставници на дипломатскиот кор, на верските заедници, на правосудните органи…, а не се беа присутни пратениците од СДСМ и ДУИ.